Луис Хамилтон во моментов официјално е невработен

Договорот на седумкратниот светски шампион со Mercedes истече на 1 јануари и сè уште не потпишал продолжување. Во позадина, се чини дека се случуваат многу работи во моментот.

Тото Волф со месеци тврди дека продолжувањето на договорот со Хамилтон не би требало да претставува проблем, но според италијанскиот Corriere dello Sport, барањето за четиригодишен договор предизвикува загриженост во тимот, па затоа се држи отворена опцијата за договор со Џорџ Расел.

Шпекулациите велат дека Хамилтон би можел да заработува 40 милиони годишно плус 10% бонус за освојување на Светскиот шампионат. Наводно, 35-годишниот возач ја одбил таа понуда, но не е позанто колкаво е неговото барање.

Волф би бил подготвен да ја почека одлуката на Луис до зимските тестови во Барселона, но Ола Калениус, првиот човек на Daimler, не е на исто мислење и врши притисок врз Волф да го затвори договорот што е можно побрзо. Швеѓанецот Калениус исто така смета дека е добро да се промовира Расел и дека би бил подготвен да го стори тоа доколку дојде до тоа. Одземањето на младиот возач од Williams не претставува никаков проблем, бидејќи Расел сè уште е јуниор на Mercedes.

Се чини дека проблемот е во тоа што ставот односно однесувањето на Хамилтон не наидува на одобрување на одборот на директори на Daimler. Матичната компанија на Mercedes му дала целосен мандат на Волф да ја затвори зделката што е можно поскоро, но шефот на австрискиот тим добил и список со услови и ограничувања.

Mercedes, како и многу други компании, страда од кризата со пандемијата. Германската марка најави големи кратења и воопшто не сакаат ниту да размислуваат за толку големо зголемување на платата.