Сајбер криминалци се закануваат дека ќе објават доверливи информации со компромитирачка содржина за компанијата

Корејскиот производител Kia бил нападнат од хакери кои сега ја уценуваат за 20 милиони долари. Во спротивно, тие се закануваат дека јавно ќе ги објават украдените податоци за компанијата.

Според Bleeping Computer, група хакери ја нападнале Kia Motors America, добивајќи информации за апликацијата UVO Link, системот за плаќање и страниците што ги користат дилерите. Хакерите бараат 20,899,559 американски долари што е можно поскоро, а доколку тоа не се случи, сумата ќе се зголеми на 30,994,200 долари.

Сајбер криминалците испратиле копија од писмото со нивните барања до Bleeping Computer. Во него се вели дека ако Kia не ги контактира во рок од 3 дена, некои од добиените податоци, а се компромитирачки за компанијата, ќе бидат објавени.

Сепак, корејскиот производител негира дека бил нападнат од хакери, најавувајќи дека за тоа дознале од Интернет. 

„Можеме само да потврдиме дека немаме податоци за да докажеме дека се украдени какви било документи или други информации за Kia“, се вели во соопштението на компанијата.