Haas е првиот Formula 1 тим кој го откри изгледот на болидот за сезоната 2019

Болидот со комбинација на црна и златна боја е значајно одстапување од стилот што Haas досега го користеше во најбрзиот циркус во светот. Во првите три сезони во Formula 1, Haas користеше црна, црвена и бела боја за своите болиди, но оваа година се решил да се префрли на нова комбинација на бои на каросеријата поради доаѓањето на новиот спонзор.

Новиот главен спонзор на тимот на Haas е компанијата Rich Energy која прави енергетски пијалоци. Токму затоа и тимот на Haas ги избрал боите на оваа компанија за новиот болид. Во исто време, ова е враќање на наведената комбинација на бои во F1, бидејќи истата не е користена по заминувањето на Lotus од шампионатот.

На тимот на Haas сега му следат тешките денови на тестирање и подобрување на новиот болид во Шпанија. Минатата сезона тие завршија на петто место во конкуренцијата на конструктори, а како што вели шефот на тимот, амбицијата е оваа позиција да се задржи и оваа година, или евентуално да се нападне и четвртото место, доколку се создадат потребните услови за тоа.

Во 2019 година за Haas ќе возат Кевин Магнусен и Роман Грожан.