Пресметката вклучува ефекти врз времето на патување, потрошувачката на гориво, проширувањето и одржувањето на инфраструктурата и несреќите

Во Германија не престануваат дискусиите за ограничувањето на брзината на делници од автопатот каде што не е ограничена. Сега има и нов аргумент плус за оние кои мислат дека брзината на германските автопатишта сепак треба да биде ограничена. Ограничувањето на брзината од 130 km/h во Германија може да донесе заштеда од најмалку 950 милиони евра годишно, пресметала шведско-германска истражувачка група во студија објавена во специјализираното списание Ecological Economics.

Користејќи јавно достапни податоци, истражувачите спровеле анализа на трошоците и придобивките, односно пресметале колку ограничувањето на брзината ќе го чини општеството. Ако штетата и користа се измерат една наспроти друга, конечниот заклучок е дека општеството како целина би имало значителна корист. Пресметката вклучува ефекти врз времето на патување, потрошувачката на гориво, проширувањето и одржувањето на инфраструктурата и несреќите.