Недостатокот на оваа компонента нема да се реши наскоро

Reuters пренесува информации кои ги добил од првиот човек на Бундесбанка – тесното грло создадено во врска со снабдувањето со полупроводници и микрочипови само ќе се влоши во вториот квартал од оваа година. Ова ќе го забави производството на автомобили во Германија, што ќе има големо влијание врз целокупното економско закрепнување на оваа земја од ударот што го зададе пандемијата на корона вирус.

„Процесот на набавка на микрочипови и полупроводници може да се нормализира дури кон средината на годината“, вели Јенс Улбрих од Бундесбанк. Тој додава дека не е лесно да се потврди колку овој проблем се одразил врз производството на возила во Германија, бидејќи се совпаѓа со неколку други моментални „главоболки“.

Улбрих вели дека намалувањето на производството е под влијание на многу работи, од пандемијата на корона вирус, потоа затворените салони, до заминувањето на Велика Британија од ЕУ. 

„Опоравувањето на автомобилската индустрија ќе биде послабо поради проблеми со недостаток на полупроводници и микрочипови“, вели Улбрих.

Сепак, Бундесбанк очекува работите да се вратат во нормала во средината на годината и дека во втората половина на 2021 година може да се очекува раст на продажбата на нови автомобили во Германија. Овој раст треба да биде „воден“ пред се од побарувачката од физички лица.

Скоро сите германски производители на возила се тешко погодени од недостатокот на микрочипови, што веќе се рефлектира во нивните продажни бројки, а големо прашање е кога и каде ќе се најдат доволно компоненти за да се врати производството во нормала.