Германија воведува ограничување на брзината на своите автопатишта
Германскиот Autobahn е познат во целиот свет пред се поради делниците на кои нема ограничување на брзината на движење на автомобилите. Но, тоа се менува
На одредени делници од автопатиштата низ Германија, брзината ќе биде ограничена на само 100 km/h, но не трајно, јавува Bloomberg. Имено, причина за воведувањето ограничување на брзината се екстремно високите температури кои може да предизвикаат пукнатини на асфалтот. Логично, секоја поголема пукнатина станува потенцијална опасност, особено ако станува збор за пат каде што нема ограничување на брзината.
Временската прогноза за Германија вели дека овие денови температурата на воздухот може да надмине 40 целзиусови степени, а историскиот максимум од 40,3 степени е измерен во 2015 година. Германскиот DW објави дека голем број на домашни патишта се крајно подложни на пукнатини поради високите температури, а на почетокот на месецот, кога температурите поминале 30 степени, одредени делници биле и затворени за сообраќај.