Локалната економија има потреба од речиси 60.000 возачи на камиони

Германија страда од сериозен недостиг на возачи на камиони, а ситуацијата е толку сериозна што наскоро може да се очекува проблем со испораките, пишува Deutsche Welle.

Според германските компании кои се занимаваат со испорака и логистика на товари, економијата на земјата има потреба од десетици илјади возачи на товарни возила. Бројките се движат од 45.000 до 60.000 возачи на големи камиони. Една од причините е што секоја година во Германија се пензионираат околу 30.000 возачи, а нивните места само половично се пополнуваат.

Речиси две третини од возачите на големи камиони се на возраст од над 55 години, а оние под 25 години се само 2,5%. Професијата речиси целосно е машка, бидејќи само 1,7% од вкупниот број на возачи се жени.

Е сега, ако веднаш препознавте можност за себе, треба да знате дека втората причина за недостигот е претежно ниската плата, тешките услови за работа и зголеменото време на возачите кое го поминуваат далеку од дома.

Ако овој тренд продолжи, во 2030 германската економија ќе има потреба од 150.000 возачи на големи камиони, што сигурно ќе доведе до криза во компаниите за испорака и снабдување.