Земјата презема ваков чекор и покрај противењето на Европската комисија

Во Европа се повеќе се слушаат гласини дека властите треба да престанат да обрнуваат внимание на еколозите и повторно да ја утврдат дозволената концентрација на азотни оксиди во воздухот. Во Германија, ова има и епилог и наскоро ќе бидат коригирани барањата за заштита на животната средина, и покрај отпорот на Европската комисија.

Според предвиденото, во земјата треба да бидат зголемени граничните нивоа на азотни оксиди од 40 на 50 микрограми на кубен метар воздух, пишува изданието Augsburger Allgemeine, повикувајќи се на свој извор во владата. Ваквиот чекор на властите се смета за победа за министерот за транспорт на Германија – Андреас Шојер кој од пред неколку недели води кампања за зголемување на дозволените норми.

Во исто време, одлуката е доста неочекувана, бидејќи неодамна еврокомесарот за животна средина Кармен Вела побара од земјите во Унијата да ги намалат дополнително нормите на азотен диоксид и тврди честички во воздухот од издувните гасови од автомобилите. Како главен виновник за високите нивоа на азотен диоксид се споменуваат дизел моторите на возилата. Оттука и постојаните жалби од еколошките организации во Германија, кои се залагаат за ограничувања, па дури и за целосна забрана на автомобили со таков вид погон.

Во текот на 2018 година листата на најзагадени градови во Германија ја предводеше Штутгарт, каде просечните нивоа на азотен диоксид (NO2) биле 71 микрограми. Следат Минхен и Кил со 66 и 60 микрограми. Според последните податоци, во 61 од поголемите населени места во земјата дозволената норма од 40 микрограми е надмината, што може да доведе до сериозни санкции за властите во нив.

Дискусијата за ограничување и целосна забрана за дизел моторите продолжува, вклучувајќи ги и лекарите. Во писмото, потпишано од 112 здравствени експерти, се наведува дека не постојат научни докази кои укажуваат на тоа дека азотните оксиди се опасни за луѓето. Мислењето на медицинските лица го доведува во прашање ефектот на преземените мерки за ограничување на дизел моторите во Германија и го поддржува барањето за зголемување на нивото на азотните оксиди на 50 микрограми на метар кубен.

Во исто време, Европската комисија остро се спротивставува, нагласувајќи дека границата од 40 микрограми е обврзувачка за сите земји на ЕУ и е веќе одобрена од Европскиот парламент. Како секоја земја ќе ги постигне овие норми е нејзината работа, но никој нема право да ги ублажува овие норми.

Сепак, уште на 12 ноември 2018 година, Германија ја информираше Европската комисија за својата намера да го измени Федералниот закон за загадување на воздухот. Ограничувањата ќе се воведат само во области каде што нивоата на NO2 надминуваат 50 микрограми на кубен метар, а не 40 микрограми, како што е усвоено во ЕУ.