Франција забрани реклама за велосипеди затоа што „ги навредува автомобилите“ / ВИДЕО
Иако во рекламата нема порнографија или експлицитно насилство, на француските регулатори не им се допаднал начинот на кој холандскиот производител на велосипеди VanMoof ги прикажува автомобилите, сообраќајот и загадувањето
Огласот за еден велосипед е прв од ваков вид што добил третман, како да станува збор за „експлицитна содржина“ за која нема место на телевизиските екрани и на интернет порталите.
Во рекламниот спот е прикажан спортски автомобил, на чија каросерија се отсликуваат сцени од оџаци од кои се подигнуваат густи облаци од чад кон небото, сообраќааен метеж на преполни улици … Автомобилот потоа се топи, а од „остатоците“, се „раѓа“ велосипед, со слоганот „Време е да се вози иднината!“ (Time to ride the future).
Француското регулаторно тело за мониторинг на рекламирањето (ARPP) го протолкувало рекламниот спот како „неправедно фрлање на негативно светло врз автомобилската индустрија“.
Од ARPP исто така наведуваат дека огласот ги крши правилата за маркетинг што забрануваат „експлоатација на чувство на страв и страдање“, и му наредила на холандскиот производител да го смени огласот и повторно да го достави на инспекција“, пишува The Verge.
„Свесни сме дека ова не е само обична реклама за велосипед, туку е и повик за акција, повик да се остави минатото зад нас и да се направи нешто во корист на сите нас. Противењето на статус-кво ситуацијата е секогаш провокативно, но тоа и беше нашата намера уште од почетокот“, рече ко-основачот на VanMoof, Тако Карлиер.