Денес, тимот на Scuderia AlphaTauri го претстави својот болид за овогодинешното издание од Светскиот шампионат во Formula 1. Болидот е именуван како AT03, а со него ќе управуваат Пјер Гасли и Јуки Цунода

AlphaTauri објави кратко презентационо видео, со што стана петтиот тим кој на овој или оној начин открива некои детали од својот нов болид во комбинација од темно сина и бела боја за претстојната сезона. 

„Возбуден сум бидејќи конечно откриваме како ќе изгледа нашиот болид за 2022 година. Пред нас е сосема нова ера во Formula 1 и се надеваме дека нашиот пакет ќе биде многу силен како и дека ќе продолжиме во тонот на минатогодишните успеси. Повторно блиско соработувавме со компанијата AlphaTauri на оваа презентација на новиот болид и мислам дека успеавме да направиме нешто многу посебно“, вели шефот на тимот Франц Тост.

AlphaTauri минатата сезона може да ја смета за релативно успешна. На крајот, тимот го освои шестото место во конкуренција на конструктори, пред се благодарение на одличните возења на Гасли, додека Цунода имаше многу потешкотии за време на неговата дебитантска сезона. Сепак, бодовно, со 142 освоени поени, тоа беше најуспешната сезона на овој тим досега.