Претсезоната е завршена и сега доаѓа она вистинското…трките. Но што научивме од тродневното официјално тестирање во Бахреин?

Па, очигледно, се тестираше, па не би било паметно да изведат некои тешки заклучоци на основа на она што се случуваше на патеката. А особено затоа што сите болиди се сосема нови, во согласност со многу променетите регулативи и, во оваа ембрионска фаза, развојот ќе биде поголем во текот на воведните гран-при трки од предвидените 23.

Сепак може и нешто да се заклучи пред кревањето на завесата следниот викенд во пустината.

Еве ги главните информации од она што се случи во Сахир.

Од моментот кога Даниел Рикиардо беше испратен во неговата хотелска соба поради Kovid-19 и го остави Ландо Норис сам покрај MCL36 за традиционалната фотосесија пред тестирањето, тоа стана тест од речиси катастрофални размери за McLaren. Очигледно треба да ги држиме работите во контекст кога даваме такви изјави со оглед на тоа што се случува во светот сега, но од спортска перспектива работите отидоа на полошо за тимот кој воодушеви по Барселона две недели претходно.

Рикиардо заврши со позитивен тест за Ковид-19 и неговото појавување на првата овосезонска гран-при трка следната недела сега е под знак прашање. Дури и ако навреме биде ослободен од изолација, големо прашање е колку може да постигне споредено со неговите 19 ривали за време на слободниот тренинг во петок без одработени тестови

Но, позагрижувачка ситуација за McLaren се проблемите со сопирачките кои го ограничија Норис на само 110 кругови во првите два дена и попродуктивни 90 во сабота по брзата привремена интервенција на проблематичниот дел. Сепак, многу помалку од километражата која ја посакуваа во McLaren пред стартот на тест деновите во Бахреин.

„Тестот дефинитивно не одеше според планот“, изјави директорот на тимот Андреас Сеидл. „Имавме неочекуван проблем на предната оска со сопирачките кои доста ни го ограничија возењето, особено кога станува збор за долги патеки. Дефинитивно нè врати назад“.

Некои експерти го ставаат McLaren на четвртото место во однос на темпото, но кратката временска рамка до почетокот на натпреварувачките акции значи дека сигурноста на болидот дефинитивно може да биде проблем за нив следниот викенд.

Елемент на мистерија во Mercedes

Со одреден степен на резервираност може да кажеме дека Red Bull и Ferrari изгледаат како да се во добра форма, но што се случува со осумкратниот последователен шампион кај конструкторите?

Red Bull го заврши тестот на врвот со Макс Верстапен и тоа со скоро седум десетинки предност пред првиот пратител по што атмосферата во гаражата беше видливо на високо ниво, додека возачите на Ferrari беа во самиот врв речиси во текот на сите шест дена од претсезонските тестови.

Што се однесува до Mercedes, едноставно неможеме да знаеме до каде се и како стојат во однос на директните конкуренти – секако до претстојниот петок, можеби дури и сабота. Според Луис Хамилтон, мерцедесите немаат темпо, а со тоа се и далеку од борбата за победа следната недела. Но, дали да се верува во оваа изјава? Дали е тоа стариот трик за ублажување на очекувањата, а потоа, наеднаш бум?

Некои ривали, вклучувајќи го и Карлос Саинц, не се претерано уверени во ова „лажно“ чувство на сигурност. Шпанецот јасно се сеќава на минатата година кога инженерскиот директор на Mercedes, Ендрју Шовлин, по тестирањето рече: „Имавме проблеми во последните години со темпото на зимските тестирања и успеавме да направиме добар напредок пред првата трка, но можеби овој пат тоа нема да биде доволно”.

Што се случи следно? Хамилтон победи на три од првите четири трки.

За волја на вистината, минатата сезона Mercedes имаше дополнителни шест дена да работи во споредба со оваа година, а W12 во голем дел беше преземање од W11 што не е исто да се создаде нешто од нула како со W13. Како и да е, нема да чекаме долго на одговорот.

Хаас направи значително подобрување

Ако по утрото се познава денот, тогаш многу е веројатно дека Haas во 2022 година нема да го гледаме на опашката од гридот со големо заостанување, со круг, два, три заостанување. Нивната одлука да ја отпишат 2021 година и целосно да се фокусираат на оваа кампања веќе изгледа оправдана.

Секако, претсезоната беше многу турбулентна за тимот. Настаните во Источна Европа доведоа до разделување со нивниот спонзор и возач Никита Мазепин, на чие место е вратен поранешниот возач на тимот Кевин Магнусен како партнер на Мик Шумахер. Сепак, тоа само по себе треба да биде позитивно.

Болидите со сигурност, ако ништо друго, имаат доволно темпо барем да бидат конкурентни со Williams и Alfa ROmeo, можеби дури и со други тимови од средниот ред како што се AlphaTauri, Aston Martin и Alpine, барем на почетокот од сезоната.

Престигнувањето не изгледа толку лесно како што се очекуваше

Како што прогнозираа техничките умови кога ги дизајнираа новите правила, следењето на друг автомобил изгледа полесно со моделите од 2022 година. Но полесно е следењето, но не и претекнувањето.

Се чини дека slipstream ефектот е намален, барем според зборовите на  некои возачи, но како што стојат работите, DRS-от нема наскоро да биде тргнат од дневен ред.

„Работата е во тоа што не можете да имате сè“, вели техничкиот шеф на F1, Пет Сајмондс. „Мораме, за жал, дури и во F1, да ги почитуваме законите на физиката, што понекогаш ми е многу досадно, но мораме да го правиме тоа! „Мислам дека сè уште ќе ни треба DRS, се надевам малку помалку, а мојот сон еден ден е да го користиме само за надминување на бекмаркерите наместо за борба за позиција“.

Трките со неколку претекнувања по круг можеби сè уште се далеку, но несигурноста на редоследот на средниот ред особено како резултат на тестирањето, сугерира дека сезоната 2022 треба да обезбеди многу возбуда.


ГН на Бахреин, Сахир (Bahrain International Circuit), 18-20 март 2022 година


Петок, 18 март – прв и втор слободен тренинг

Сабота, 19 март – трет слободен тренинг и квалификации

Недела, 20 март – главна трка


Day 1 Highlights | 2022 F1 Pre-Season Test Bahrain

Day 2 Highlights | 2022 F1 Pre-Season Test Bahrain

Day 3 Highlights | 2022 F1 Pre-Season Test Bahrain