Formula 1 има нов рекордер по број на победи!

Луис Хамилтон во својот Mercedes славеше на трката за ГН на Португалија, возена на патеката Algarve International во Портимао и со тоа стигна до својата 92. победа во кариерата. Британецот уште еднаш успеа да го победи својот тимски колега Валтери Ботас, кој на целта пристигна како второпласиран, додека последното место на подиумот го пополни Макс Верстапен од Red Bull.

Шарл Леклер извозе одлична трка ако се земат во предвид перформансите на Ferrari оваа сезона и го освои четвртото место, а истото може да се каже и за Пјер Гасли кој со болидот на AlphaTauri заврши на петтата позиција, пред Карлос Саинц (McLaren), Серхио Перез (Racing Point), Окон (Renault), Даниел Рикиардо (Renault) и Себастијан Фетел (Ferrari).

Во секој случај, историска прва трка во Formula 1 во Портимао, и прва ГН на Португалија во календарот на Светското првенство од 1996 година, кога победата ја однесе Жак Вилнев со болид на Williams.

Хамилтон добро стартуваше и прв влезе во првиот свиок, а зад неговиот грб настана вистински хаос. Ботас за кратко беше престигнат од Верстапен, но Финецот возврати, туркајќи го Холанѓанецот малку надвор од патеката. По враќањето на патеката, возачот на Red Bull имаше благ контакт со Серхио Перез, кој се изврте и падна на задниот дел од колоната, додека Макс го престигнаа возачите на McLaren. Во тие моменти започна да врне и слаб дожд, но недоволно за премногу да ја навлажни патеката.

Ботас наскоро го престигна Хамилтон, но сензационален прв круг имаше Карлос Саинц кој од седмото место се проби на лидерската позиција. Возачите на Mercedes очигледно на старот имаа проблеми со загревањето на средно тврдите гуми, како и Леклерк, што Саинц одлично го искористи за неколку круга да биде во водство. Сепак, црните стрели се забрзаа и по тие неколку круга се вратија на првите две позиции, по што следеше Верстапен, поминувајќи ги двата возачи на McLaren.

Кими Раиконен исто така блесна во првата фаза од трката, напредуваше дури девет места во првиот круг, но по неколку круга возење меѓу првите шест, тој започна да паѓа во поредокот. Леклерк го помина Финецот, потоа Норис и Саинц и се врати на четвртото место во 12-от круг, позиција од која и ја започна трката. Саинц и Норис беа петти и шести, сè додека Британецот не беше поминат од одличниот Гасли со AlphaTauri. Позиција меѓу првите десет се уште држеа Строл, Рикиардо и Окон. Албон имаше многу лош старт на трката и падна на 11-то место, а наскоро зад него беше Себастијан Фетел.

После петнаесет извозени кругови, возачите почнаа да се жалат на потрошувачката на гуми, особено оние на меки, а ниту Хамилтон не беше задоволен од медиумот. Почна и влегувањат во бокс, а прв тоа го направи Раиконен (на медиум), а потоа и Рикиардо (исто така медиум). До тој момент, Ботас имаше предност од две секунди пред Хамилтон, Верстапен заостана десет секунди од лидерот, а Леклерк 15 секунди. Гасли, откако го помина Норис, започна да врши притисок и врз Саинц.

Во 18-та рунда доаѓа до инцидент помеѓу Норис и Строл. Канаѓанецот на кратко се најде пред Норис, но веќе во првиот свиок потоа имаше контакт и заврши надвор од патеката со оштетено предно крило. Возачот на Mclaren исто така претрпе штета на болидот и веднаш замина во боксот. И двајцата по инцидентот продолжија но се најдоа на крајот од колоната, а судиите отворија истрага за инцидентот. Епилог на истрагата: пет секунди казна за Строл за предизвикување инцидент на патеката.

Иако се жалеше на пневматиците, Хамилтон успеа да вози значително побрзо од Ботас и на влезот во 20-от круг од трката го презеде водството. Заостанувањето на Верстапен беше 12, а на Леклерк 16 секунди. Одличниот Гасли го помина Саинц и се проби на петтото место.

Верстапен на меки гуми издржа 23 круга, а потоа влезе во боксот по медиум. На патеката се врати на шестото место, зад Гасли и Саинц. Шпанецот три круга подоцна влезе во боксот, а по него и Французинот. Возачите на Mercedes и Леклерк добро се снајдоа на медиумот, а Хамилтон изгради голема седум секунди предност до 30-от круг.

Трката на Строл одеше од лошо кон полошо. Покрај казната за судир со Норис, тој доби уште пет секунди за често напуштање на границите на патеката. Судиите го предупредија со црно-бело знаме, но и тоа не му беше доволно, па логично беше да биде казнет. Од исти причини подоцна беше казнет и Грожан.

Во исто време Саинц и Раиконен имаа голема борба за позиција. Евидентно беше дека Саинц е побрз, но Финецот даде се од себе поминувањето да не помине така лесно.. Перез, кој леташе по пистата по првичниот инцидент, го помина Окон во борба за петтото место.

Во 35-от круг, Леклер влезе во боксот за да смени гуми и избра тврда компонента. На патеката се врати на четвртото место, зад Верстапен. Возачите на Mercedes издржаа 40 круга на медиум. Хамилтон по почетното незадоволство, тогаш беше дури и задоволен од своите гуми, но имаше чиста ситуација, па го повикаа во бокс по комплет тврди гуми. Ботас истото го направи круг подоцна.

Во следните кругови Ботас беше најбавниот на патеката помеѓу првите тројца. Губеше во однос на Хамилтон и Верстапен, но недоволно Холанѓанецот да му се приближи на помалку од седум секунди. Во 54-от круг на трката го видовме и првото откажување – Ленс Строл. Нов „сопственик“ на казна од пет секунди стана Даниел Квјат, повторно за повеќекратно напуштање на границите на патеката.

Како и обично, исклучително интересно беше во борбата за петтото до десеттото место. Возачите на Renault, McLaren, Перез во Racing Pointu, Гасли на Alpha Tauri, па повремено Раиконен, Албон и Фетел, на патеката се надмудруваа како возачки така и на стратешки план.

Во последните десет круга се влезе со големи разлики помеѓу најдобрите четири. Ботас заостануваше 16 секунди зад Хамилтон, Верстапен десет зад Ботас, и Леклерк 19 зад Верстапен. Перез беше на петтото место половина минута зад возачот на Ferrari. Во 59-от круг, Хамилтон го мина Мексиканецот за целиот круг, што доволно зборува за огромните разлики во оваа трка.

До крајот на трката немаше проблеми за водечките возачи. Хамилтон рутински стигна до својата 92. победа во кариерата и со тоа стана рекордер во Formula 1, оставајќи го зад себе Михаел Шумахер со 91 победа. Хамилтон додаде и најбрз круг во трката, а со тоа и дополнителен бод. Ботас го освои второто место и со тоа пропушти уште една шанса за победа против тимскиот колега, откако го задржа водството во првиот дел од трката. Разликата меѓу нив во генералниот пласман сега е 77 поени. Верстапен остана осамен на третото, а Леклерк на четвртото, што секако е големо охрабрување и за него и за Ferrari.

<_center)

2020 Portuguese Grand Prix: Резултати

2020 Portuguese Grand Prix: Race Highlights

2020 Portuguese Grand Prix: Изјавија по трката

„Целиот викенд беше многу тежок. Валтери беше многу брз овие денови и вчера во Q3 успеав да бидам пред него за прв пат, што ми даде самодоверба. За среќа, во клучниот момент, возев најдобро и стигнав до пол-позицијата. Знаев дека ќе биде тешко да се одбрани првата позиција на стартот, што подоцна се покажа како точно“.

 

„Тоа беше многу тежок старт за сите нас, особено откако започнавме со средни гуми. Имав многу пролизгувања во првиот круг и дури по неколку круга дојдов „на свое“. Верував во себе и откако го следев Валтери заклучив дека имам поголема брзина од него и почнав да напаѓам, а подоцна се покажа дека имав подобро темпо низ целата трка и мирно дојдов до крајот“.

 

За новиот рекорд…

 

„Многу е тешко да се каже со зборови како се чувствувам сега. Сè што постигнав е неверојатно и секој викенд се прашувам дали сум сè уште во состојба да возам на највисоко ниво. На крајот на краиштата, треба да верувате во себе и своите способности, бидејќи само така можете да го постигнете она што го сакате“, заклучи Хамилтон.

По дебито на патеката Algarve International во Formula 1, Светското првенство се враќа на легендарна локација веќе следниот викенд. Трката во Имола.