Formula 1: уште еден сет на нови правила за следната сезона
Овој пат станува збор за аеродинамиката, а целта на оваа промена е на возачите да им се овозможи да се следат на патеката и да се подобри тркањето
Стратегиската група на Комисијата за Formula 1 и Светската асоцијација за авто-мото спорт одобрија серија на промени кои ќе стапат на сила почнувајќи од следната сезона. Промените ќе се однесуваат на поедноставно предно крило со поголем опсег, поедноставен капак на сопирачките без крилца и пошироко и подлабоко задно крило.
Гласањето за овој предлог е производ од истражувањето на првите предлози на FIA, кое е направено со помош на сопственикот на Formula 1, како и повеќето тимови во Formula 1. Истражувањето покажало голема веројатност дека овие промени позитивно ќе влијаат на квалитетот на тркањето во 2019 година. Заедно со до сега одобрениот пакет на промени (повеќе гориво, одвојување на тежината на болидот и тежината на возачот) се очекува голема промена во однесувањето на болидите и возачите на патеката.
Рос Брон, директорот задолжен за тркачкиот дел во Formula 1, ова правило директно го поврзува со инцидентот на последната трка во Азербејџан. Тој вели: „Еден од клучните настани на трката за Големата награда на Азербејџан беше судирот помеѓу тимските колеги, Даниел Рикардо и Макс Верстапен. Јас не сакам да коментирам за тоа кој треба да се идентификува како виновник или за тоа како тимот треба да ги реши овие проблеми во текот на трката, но мислам дека одлуката на судијата да го опомене двајцата возачи е добра.
Исто така, би сакал да посочам на одредени работи од техничка гледна точка. Кога Даниел ја зазеде својата линија на движење, а Макс со помена на својата ја блокираше таа линија, Австралискиот возач стана само патник во болидот. Загубата во силата на прилепување кон подлогата што ја доживеа Рикардо поради болидот на Верстапен доведе до неизбежното. Често се смета дека оваа сила има најголемо влијание во свиоците, но нејзиното влијание врз автомобилот при сопирањето е огромна. Кога оваа сила исчезнува за време на сопирањето, она што се случи во неделата станува неизбежно.
Иако ова беше многу сериозен пример, уште еднаш ја нагласив потребата од пронаоѓање начин за развој на правило со цел болидите да станат посигурни во двете ситуации“.
Со одлуката на Стратешката група и Комисијата на Formula 1, која е одобрена од страна на FIA и на Светската асоцијација за авто-мото спорт, се одобрени низа на аеродинамични промени, со цел поблиско тркање и зголемување на бројот на претекнувања во Formula 1. Важно е да се нагласи дека одлуката е донесена после детално истражување на предлозите на FIA и со поддршка од повеќето тимови.