Почетокот на новата седмица донесе нови лоши вести за фановите на Formula 1. Трката за ГН на Франција е официјално откажанa, а требаше да се одржи во последниот викенд од јуни. 

Сепак, по ова соопштение, до јавноста се обрати извршниот директор на Formula 1, Чејс Кери, со ново соопштение.

„Иако утрово беше објавено дека ГН на Франција, која требаше да се одржи кон крајот на јуни, нема да се одржи, ние сега сме повеќе од сигурни во реализацијата на нашите планови, а тоа е дека сезоната ќе започне ова лето. Нашата цел е да започнеме со трки во Европа од јули, преку август и почетокот на септември, со првата трка во Австрија во текот на викендот од 3-5 јули. Во септември, октомври и ноември би имале трки во Евроазија, Азија и Америка, а завршницата на сезоната во декември би значело трка во Бахреин, пред традиционалното финале во Абу Даби. Вкупно би имале 15-18 трки, конечниот предлог календар ќе го објавиме што е можно поскоро.

Првите трки очекуваме да се одржат без присуство на гледачи, но се надеваме дека фановите ќе бидат дел од настаните како што напредува сезоната. Сè уште треба да работиме за да решиме многу проблеми, како што се процедурите за влез и делување на тимовите и другите партнери во секоја земја.

Здравјето и безбедноста на сите вклучени продолжува да биде приоритет број еден и ние ќе го започнеме шампионатот доколку сме убедени дека сме осмислиле добри процедури кои ќе го намалат ризикот и ќе гарантираат решавање на потенцијални проблеми.

FIA, тимовите, промотерите и други клучни партнери работеа со нас во сите фази и сакаме да им се заблагодариме за нивната поддршка и напорна работа во овие неверојатно предизвикувачки времиња. Исто така, сакаме да го препознаеме фактот дека тимовите нè поддржаа, а во исто време вложија огромен и херојски напор во изработка на респиратори за да им помогнеме на заразените со вирусот СОVID-19.

Во обид да ги ставиме во функција нашите планови за 2020 година, паралелно работевме со FIA и тимовите за да ја обезбедиме долгорочната иднина на Formula 1 со сет на нови технички, спортски и финансиски правила кои ќе ја подобрат конкуренцијата и акцијата на патеките, а притоа Formula 1 да биде подобро бизнис опкружување за сите вклучени, особено додека се справуваме со проблемите создадени од пандемијата на коронавирус.

Сите наши планови се предмет на можна промена затоа што сè уште имаме многу проблеми што треба да ги решиме, бидејќи имаме многу непознати заради вирусот. Сите ние сакаме нашиот свет да се врати во состојба која ја знаеме и ја сакаме, но признаваме дека тоа мора да се направи на правилен и безбеден начин. Не весели што што ќе го одработиме нашиот дел и ќе им овозможиме на нашите фанови повторно безбедно да ја споделат својата страст кон Formula 1 со своите семејства, пријатели и пошироката заедница“.