На претстојната трка за Големата награда на Турција, болидите на Red Bull Racing и Scuderia AlphaTauri ќе бидат обоени во специјални бои

 

Имено, во чест на соработката со јапонскиот производител на мотори, Honda, како и поради откажување на трката на патеката Сузука, RB16B на Макс Ферстапен и Серхио Перез, ќе бидат претежно бели, инспирирани од легендарната Honda РА 272, во која Американецот Ричи Гинтер стигна до првата „гранд при“ победа за јапонскиот тим (ГН на Мексико 1965). Што се однесува до AlphaTauri, задните крила на AT02 болидот на Пјер Гасли и Јуки Цунода ќе имаат порака на јапонски – „аригато“, што значи „благодарам“.

Откако стартуваше партнерството Red Bull-Honda во 2018 година, јапонскиот производител им помогна на Red Bull Racing и AlphaTauri да постигнат значителен напредок. Honda стигна до 13 победи со Red Bull, додека во 2020 година, Alphatauri сензационално триумфираше во Италија. Red Bull и Honda во периодот досега имаат вкупно 35 подиуми и 11 пол позиции.

Директорот на Red Bull Racing Honda и шеф на тимот Кристијан Хорнер вели: 

„Сите се радувавме што ќе им дадеме шанса на јапонските фанови на Honda да ја прослават нашата успешна соработка на домашен терен во Сузуки. Меѓутоа, бидејќи F1 стана жртва на пандемија и трката во Јапонија беше откажана, не можевме да дозволиме овој тркачки виденд да помине без да им оддадеме почит на Honda и нејзините големи домашни фанови во Истанбул, кој е замената за Сузука. Боите избрани за нашите болиди и оддаваат почит на Honda, и се надеваме дека на фановите ќе им подариме уште една победа, во овие легендарни бои“.

Коџи Ватанабе од Honda додава: 

„Сите во Honda се многу разочарани што трката за Големата награда на Јапонија мораше да се откаже, и покрај тоа што целосно ги разбираме и се согласуваме со причините за оваа одлука. Желбата беше толку поголема за да се тркаме на Сузука, бидејќи ова е нашата последна сезона во Formula 1, а и двата наши тима се во добра форма. Фановите во Јапонија беа особено среќни што покрај последниот настап на Honda, ќе го видеа и Јуки Цунода на домашен терен. Знаеме дека промената на бојата не може да биде замена за трката во Сузука, но ова е мал знак за нашата благодарност за нивната поддршка во текот на многуте години“.