Formula 1: Потврдено одржување на три спринт трки во 2022 година на кои ќе се распределат повеќе бодови
Formula 1 комисијата официјално потврди дека и оваа година ќе има три тркачки викенди со изменет формат односно спринт квалификации. Новината е дека оваа година на овие квалификации ќе бидат делени повеќе бодови од минатата сезона…
Трите гран-при трки каде ќе гледаме саботни спринт квалификации се ГН на Емилија Ромања (Имола, 22-24 април), ГН на Австрија (Ред Бул Ринг 8-10 јули) и ГН на Бразил (Интерлагос, 11-13 ноември).
Раководството на Formula 1 минатата година воведе нов формат – спринт трка на 100 километри, која ги одредува стартните позиции за главната неделна трка. Имаше план според кој годинава ќе има повеќе тркачки викенди со спринт квалификации, но во последните недели многу се зборуваше за несогласувањето на одредени тимови со условите, односно буџетот предвиден за одржување на овие дополнителни трки.
На крајот беше одлучено оваа година спринт квалификациите исто како и минатата сезона да се возат на три гран-при трки. Она што се разликува од лани е количината на бодови кои ќе се поделат. Минатата сезона бодови освојуваа само првите тројца, а годинава бодови ќе добијат дури осум возачи – победникот осум, второпласираниот седум и така по бод помалку до осмото место, кое ќе биде наградено со еден бод.
Исто така, решен е спорот околу тоа што се смета за пол позиција во овие тркачки викенди. Минатата сезона пол-позицијата во статистиката се запишуваше кај победникот во спринтот, додека во новата сезона пол-позицијата ќе значи освојување на првото место во класичните квалификации во петок. Останува принципот класичните квалификации да го одредуваат стартниот редослед на спринт трката, а врз основа на резултатите од спринтот ќе се состави стартниот грид за главната трка.
„По ревизијата на трите спринтерски настани одржани во 2021 година и препознавањето дека овој нов формат носи придобивки за нашиот спорт, предложени се три спринтерски настани за 2022 година, имајќи предвид дека ова е разумна бројка со оглед дека тимовите се веќе под голем притисок оваа сезона поради воведувањето на големи промени во правилата. Комисијата едногласно прифати три спринтерски настани за претстојната сезона, вклучително и голем број новини во форматот во согласност со повратните информации добиени од фановите, претставниците на медиумите и тимовите“, се вели во соопштението.
Предлогот допрва треба да биде ратификуван од страна на Светскиот совет за мото спортови (World Motor Sport Council) во наредните недели.