Осум дневните тестирања на патеката во Барселона завршија, следна станица е Алберт Парк во Мелбурн и првата сезонска трка

Што покажаа тестирањата? Може да се каже дека за време на овие осумдневни тестови видовме навистина импресивно возење на Ferrari. Со мали исклучоци, Чарлс Лаклер и Себастијан Фетел имаa најбрзи времиња и, уште поважно, беа постојани во текот на тест-периодот.

Ова секако ќе ги радува сите фанови на Ferrari, кој е без возачка шампионска титула од 2007 година, а кај конструкторите од 2008 година.

На последниот ден од тестирањата конечно и Mercedes покажа „заби“. Луис Хамилтон на крајот од денот имаше само три илјадити делови  од секундата заостанување зад Фетел, а Валтери Ботас три стотинки

Дали конечно и фановите на McLaren ќе може да очекуваат добра сезона? Ако се суди според она што можеше да се види на патеката, да. Дебитантот Ландо Норис, пред се, беше импресивен, но и генерално, болидот на McLaren со Renault motor покажа одлични перформанси. Во Renault се задоволни од тестирањата и сметаат дека со новиот болид и мотор може да се стигне до многу повисоки цели. Погонската единица на Honda во болидите на Red Bull и Toro Rosso е многу постабилна од претходно, што исто така дава надежи на овие два тима за добра сезона. Фановите на Williams исто така може да бидат задоволни, ако се земе во предвид дека нивниот болид на патеката стигна со речиси три дена закаснување, а Џорџ Расел беше во можност да постави добри брзи кругови.

Најмногу кругови во текот на последниот ден извозе Карлос Саинц од McLaren, дури 134, Кими Раиконен извозе 132, а 131 – Данил Квјат.

Новата сезона во Formula 1, се надеваме многу повозбудлива и понеизвесна, ќе започне традиционално во Австралија, на патеката Алберт Парк во Мелбурн, на која последните два пати победи германски возач Себастијан Фетел.