Бахреин ќе остане домаќин на трките од Formula 1 шампионатот до 2036 година, откако е потврдено дека промоторите и раководството на Formula 1 го продолжиле договорот за организација на трката на патеката Сахир

Иако звучи малку неверојатно, пустинската патека ќе биде домаќин на најбрзите возачи во светот и во следните 15 години, доколку се испочитуваат договорите, а што нема сомневање дека така и ќе биде. Во оваа прилика, промоторот на трката најави неколку позитивни промени во однос на еколошките стандарди, а веќе оваа година целата потребна енергија ќе се произведува од обновливи извори.

Во име на Formula 1, краток коментар за продолжување на соработката даде Стефано Доменикали, првиот човек на Formula 1, изразувајќи задоволство што соработката која трае од 2004 година ќе продолжи и во наредните години.

„Задоволен сум што Formula 1 болидите ќе се тркаат на патеката Сахир до крајот на 2036 година и се надевам дека ќе им овозможат на навивачите многу забавни и интересни трки. Имавме многу добри трки од 2004 година. Со нетрпение го очекуваме почетокот на новата ера во Formula 1, која ќе започне токму овде во Бахреин“.

„Бахреин беше првата земја која беше домаќин на Formula 1 караванот на Блискиот Исток и има посебно значење за целиот наш спорт. Би сакал лично да му се заблагодарам на принцот Салман и неговиот тим за нивната посветена работа сите овие години, како и во годините што доаѓаат“, вели Доменикали.

Во име на организаторите на трката и претставниците на патеката, кратка изјава даде Ариф Рахими, главниот човек на патеката Сахир:

„Голема чест е да се биде домаќин на Formula 1 уште од 2004 година. Ние сме исклучително горди што обезбедивме трка на нашата патека и во наредните години. Би сакал да му се заблагодарам на Стефано Доменикали за довербата и се надеваме дека во следните изданија ќе докажеме дека со право ја заслужуваме оваа улога на домаќин“.