Возачот на Formula 1, Фернандо Алонсо, доживеал сообраќајна несреќа додека возел велосипед во близина на Лугано, Швајцарија

Од редовите на на неговиот тим Alpine, објавија дека 39-годишниот Шпанец е свесен и се чувствува добро, но денес претпладне ќе бидат спроведени подетални медицински прегледи.

Според информациите до кои дошле од Gazzeta dello Sport, двократниот Ф1 шампион додека возел велосипед имал судир со автомобил, а според новинарот на BBC, Ендру Бенсон, како последица на судирот на Алонсо му била скршена вилицата и ќе биде префрлен во Берн кај специјалист за такви повреди.

Севкупната ситуација, сепак, не би требало да влијае на неговата подготвеност да ја започне сезоната, која стартува на 28 март во Бахреин. Сепак треба да се сочекаат и деталните прегледи.

Како потсетување, возачот од Овиедо се врати во Formula 1 по две години отсуство, време во кое тој го освои 24 часа Ле Ман, учествуваше на релито Дакар и на легендарната Индијанаполис 500.