Ford F-150 наскоро ќе биде достапен и во Европа
Ford F серијата е убедливо најпродаваниот пикап во светот
Минатата година беа испорачани над милион единици, иако моделот всушност се продава само во САД, Канада, Мексико и неколку земји на Блискиот Исток. Понудата на овој модел е поделена во три многу различни категории кои немаат многу допирни точки со исклучок на името.
Основниот F-150 се води како лесна категорија, а потоа следат F-250, F-350 и F-450 како дел од таканаречената серија „SuperDuty“, а на врвот се HeavyTrucks во кои спаѓаат оние модели со имиња од F-550 до F-850. Ниту еден од нив никогаш не бил продаден во Европа, со исклучок на мал број увезени од приватни дилери, а тие немале врска со самиот Ford.
Hedin US Motor AB штотуку објави дека ќе го понуди F-150 следната година на Стариот континент. Додуша и оваа компанија е приватен увозник, но тврдат дека имаат директна врска со Ford и дека американскиот гигант ги гледа како официјални увозници.
Тоа значи дека F-150 ќе може да се сервисира на истите локации како и другите модели од оваа марка во Европа, а за нив ќе важи и фабричката гаранција. Шефот на компанијата Андерс Хедин вели дека Hedin US Motor AB веќе има долгогодишно искуство со увоз на Ford од американскиот пазар, но дека сегашната ситуација ќе биде многу поповолна за купувачите, бидејќи тие имаат „благослов“ од матична компанија.
Камионeтот за прв пат ќе биде достапен во Германија и Шведска, а потоа и во остатокот од Европа. Понудата ќе биде поделена на три модели. Најевтиниот е во пакетот опрема Lariat и доаѓа со 5.0-литарски бензински мотор со осум цилиндри кој развива 400 коњски сили. Потоа доаѓа хибридот Limited PowerBoost со 3.5-литарски турбо бензински мотор и 430 коњски сили, а на врвот е семоќниот Raptor со 450 коњски сили. Во сите три случаи, силата се пренесува на сите четири тркала преку десетстепен автоматски менувач.
Малку е изненадувачки што Hedin US Motor AB не сака да ја понуди електричната конфигурација под името Lightning, но оваа одлука веројатно е на страната на Ford, кој не може да ја исполни својата побарувачка ниту во Америка и нема доволно единици за остатокот од светот. Цените се уште не се познати, но ќе напоменеме дека во Америка Lariat V8 чини 54.545 долари, Raptor чини 72.350 долари, а Limited со хибридната ознака чини дури 81.465 зелени банкноти.
Првите примероци ќе бидат доставени до купувачите на пролет, по што понудата треба да се прошири и во остатокот од Европа со нови конфигурации.