FIAT Panda Cross прогласена за најдобар кросовер за 2020 година
Четврта година по ред, Panda Cross ја освојува титулата „Најдобар кросовер“ во изборот на специјализираното британско списание „4х4“ (Best Crossover 2020 by 4×4 Magazine).
Во 2020 година, во која Panda го прослави својот 40-ти роденден, овој автомобил забележа најголем раст досега во својот сегмент во Европа (+ 3,8%) и најголем удел на пазарот во својата историја (18%). Во истата година, верзијата Cross на Panda беше уште еднаш, 4-ти пат по ред, прогласена за „Најдобар кросовер“ во Велика Британија.
Жирито ја фали способноста во теренски услови на овој модел, како и забавата која ја овозможува со возењето и моторизацијата. Списанието „4х4“ е единственото специјализирано списание за возила 4х4 и модели на пикапи во Велика Британија. Неговата годишна награда е референтна точка во секторот повеќе од 25 години.
Тим специјалисти за 4х4 возила го оцениле широкиот спектар на возила што ја сочинуваат оваа класа, анализирајќи сè, од комфор и квалитет до теренски перформанси и трошоци за набавка и сопственост, се вели во соопштението.
Panda Cross се разликува од обичната верзија, освен по поголемата оддалеченост од земјата и погонот 4×4, така и во дизајнот на надворешноста – пред се предниот дел на автомобилот. Возилото е опремено со стилски детали карактеристични за кросоверите, како што се заштитни додатоци на долните делови на каросеријата, странични панели и браници.
Моторот се состои од 1.2-литарски бензинец со 69 КС (достапен и во верзија со течен нафтен гас), како и 0,9-литарски 2-цилиндерски TwinAir турбо-бензинец во опција со 65, 85 или 90 КС. Овој мотор може да се нарача и во комбинација со погон на метан, а во тој случај има 80 коњски сили. Тука е и дизелскиот Multijet со 95 КС.