Fiat крати на сите страни… на ред тоалетната хартија
Можеби чудни мерки за намалување на трошоците, но во Италија истите се и до четири пати повисоки отколку во Шпанија
Големото кратење на трошоците на Fiat започна со … тоалетна хартија, се пожалиле синдикалците. Во фабриката Мирафиори во Торино, дел од тоалетите се затворени, паузите за хигиенски потреби се скратени, а температурите во работните простории се намалени.
По спојувањето на Fiat-Chrysler и Peugeot-Citroen, шефот на новата групација Stellantis, Карлос Таварес, вети дека ќе ги намали трошоците до 5 милијарди евра годишно. Тој исто така откри дека трошоците за производство во италијанските фабрики на групата биле и до четири пати повисоки од сличните погони во Франција и Шпанија. Португалецот гарантира дека ќе може да ги намали трошоците без да ги намали работните места.
Според Давиде Прованзано од синдикатот FIM, кратењата во Мирафиори, каде се прави електричниот Fiat 500e, веќе започнале. Според него, сепак, фокусот кон тоалетите и хигиената е грешка.
„Ова се случува за време на пандемија, кога треба да го зголемите бројот на достапни тоалети и хигиенски услуги, наместо да ги намалите“, вели Прованзано.
Информацијата е потврдена и од Еди Лаци од синдикатот FIOM. Според него, сепак, ова се иницијативи на локалните менаџери во Fiat, наместо глобална политика на Stellantis. „Овие мерки се капка во океанот“, вели Лаци за Reuters.
Во фабриката во Атеса, каде се произведуваат модели на лесни товарни возила, скратени се 35% од компаниите за чистење, но тоа не важи за итни дезинфекции. Тоалетите исто така функционираат нормално.