Ferrari SP48 Unica: Уникатно уметничко дело на тркала направено по нарачка од милијардер / ВИДЕО
Уникатниот SP48 речиси сигурно се придвижува со стандардниот 3.9-литарски twin-turbo V8 од донаторот F8 Tribute од 720 КС
Ferrari премиерно го претстави најновиот примерок на „one-off“ модел произведен од одделот за специјални проекти на марката. Зад името SP48 Unica се крие уникатен примерок направен за „неименуван, многу богат долгогодишен пријател на куќата и сопственик на десетици модели на Ferrari“.
Основата бил F8 Tributo, кој ја заврши својата кариера како модел минатиот месец, и кој беше заменет со новиот 296 GTB, меѓутоа, толку сеопфатниот редизајн на каросеријата речиси и не покажува кој модел послужил како основа.
Уникатниот нов дизајн на Ferrari со исклучително клинеста форма со големи отвори за воздух за ладење на моторот од страните навистина изгледа сензационално, a има елегантен преден дел со детали за довод на воздух изведени во форма на саќе, како кај моделот Roma.
На предниот капак се интегрирани два големи отвори, додека шофершајбната и страничните прозорци се дизајнирани како визир за тркачки шлем со црн преден носач на покривот, што го подобрува тој впечаток. Праговите се направени во црна боја и дополнително оптички го истакнуваат мускулестото тело.
Задната приказна е можеби најинтересна: задното стакло воопшто го нема (веројатно сопственикот ја следел изреката на старата италијанска автошкола „што има зад мене не ми е гајле“), а целата каросерија е развлечена кон задниот крај. со една централна лента и со дополнителни отвори за воздух кои на крајот го претвораат задниот дел во спојлер.
Повеќе ги нема класичните кружни типични фарови на Ferrari, а инсталирани се и двојни многу тесни LED фарови. Голем црн дифузор и два големи кружни издувни завршетоци ја затвораат приказната.
Ferrari нема објавено никакви слики од внатрешноста, но се знае дека останала идентична како онаа во моделот F8 Tributo.
Не се споменува ниту погон ниту перформанси, што значи дека SP48 речиси сигурно работи со стандардниот 3.9-литарски twin-turbo V8 од донаторот F8 Tribute од 720 КС.
Конечно, со оглед на тоа дека F8 Tributo чинел околу 280.000 евра, се шпекулира дека сопственикот издвоил 2 милиони евра за оваа уметничка скулптура по нарачка, за која требаше околу една година да се заврши.