До крајот на тековната година, компанијата ќе прикаже 3 нови модели

Првото електрично Ferrari ќе биде претставено пред јавноста во 2025 година. Ова го соопшти претседателот на италијанската компанија Џон Елкан на состанокот на акционери одржан во Кавалино.

Елкан дополнува дека до крајот на деценијата, производителот на спортски автомобили ќе стане јаглерод неутрален. Што се однесува до краткорочните планови на Ferrari – оваа година компанијата ќе им понуди 3 нови модели на своите клиенти.

„Ние продолжуваме да ја применуваме нашата стратегија за електрификација многу строго. Оваа технологија ќе најде место во нашата спортска програма, а нашиот прв електричен модел ќе биде готов во 2025 година. Можете да бидете сигурни – сè што прават инженерите и дизајнерите во Маранело ќе биде нова почетна точка во нашата историја“, вели Елкан.

Претседателот на Ferrari ги презентираше и финансиските извештаи на Ferrari за минатата година. Тој потврди дека компанијата бара нов извршен директор откако Луис Камилери поднесе оставка.

„Имаме краток список на многу силни кандидати кои ги имаат сите квалитети и особено посебните способности за водење на компанијата, така што наскоро ќе го направиме нашиот избор“, рече Елкан.

Тој додава дека последниот квартал од 2020 година бил многу силен за Ferrari и успеал да ги надомести загубите од претходно. Елкан очекува дека оваа година компанијата ќе може да го продолжи овој позитивен тренд.