Американскиот производител на електрични автомобили, Tesla, најави дека неговата нова фабрика во близина на Берлин ќе вработи 12.000 работници кога ќе проработи со полн капацитет

Во теоретската идна завршна фаза на проширување, која засега е „хипотетичка“, фабриката максимално може да вработува и до 40 илјади работници, се вели во соопштението на американската компанија.

Производството на електрични автомобили во Груенхајд треба да започне во јули. Фабриката се наоѓа во шумска област крај езеро, околу 30 километри југоисточно од центарот на Берлин, на работ на природен резерват и ќе произведува 500 илјади возила годишно.

Извршниот директор на Tesla, Илон Маск, на таа локација воедно сака да ја изгради и најголемата фабрика за батерии во светот, а со тоа дополнително да го зголеми износот на инвестиции, што според гласините во индустриските кругови достигнува една милијарда евра.