Европскиот автомобилски пазар за прв пат во плус во последните девет месеци
Продажбата на пазарите во ЕУ и EFTA пораснала за 0,04 отсто или 1,44 милиони автомобили во споредба со истиот период минатата година, соопшти индустриската асоцијација ACEA
Најголем добитник е Lexus, чиј број на регистрации се зголемил за 26 отсто, по што следат BMW и SEAT со 15 отсто, Citroen со 14 отсто и Toyota со 11 проценти.
Меѓу губитниците „лидер“ е Alfa Romeo, чија продажба се намалила за 49 отсто, а потоа со 18 проценти следи Nissan. Jeep забележал минус од 13 отсто, Renault – 10 отсто, а Volkswagen – 8.6 отсто.
Продажбата на автомобили во Германија пораснала за 9,1 отсто. Тоа не е изненадување, бидејќи производителите, вклучувајќи ги тука и Volkswagen и BMW, нудат бенефиции во вредност до 7.500 евра на најголемиот европски пазар, се разбира за еколошки подобни возила бидејќи како што е веќе познато, во многу градови се планира забрана за движење на постарите дизели.
Во Обединетото Кралство, продажбата паднала за 4,6 отсто, каде што продолжува падот на побарувачката за дизел модели , тука е и неизвесноста предизвикана од Brexit.
Што се однесува до Шпанија, бројот на нови регистрации во мај опаднал за 7 отсто, а во Франција и Италија 1,2%.
Продажбата на автомобили во Европа е во постојан пад од август минатата година, почнувајќи од турбуленциите предизвикани од воведувањето на новите прописи во однос на тестирањата поврзани со емисиите, како и неизвесноста предизвикана од Brexit, што севкупно резултира со успорен економски раст. Послабата продажба нормално носи и пад на профитот, затоа што производителите на автомобили се во средината на вкрстен оган од трговската војна меѓу САД и Кина, заедно со огромните трошоци кои ги носи транзицијата кон електрични автомобили.
Одложувањето на големата промена во автомобилската индустрија може да биде краткотрајно, бидејќи производителите се подготвуваат за воведување на построгата еколошка регулатива во ЕУ, поврзама со флотната емисија на СО2, почнувајќи од следната година.
Автомобилската индустрија се соочува со потенцијални пенали во висина од 33 милијарди евра, ако нема значителни промени, вели Арнд Елингхорст, аналитичар во Evercore ISI.
Новите правила ќе направат голем притисок врз производителите на автомобили, чиј императив ќе биде да продаваат повеќе електрични и plug-in-хибридни модели, кои во моментов носат помали оперативни профити од SUS автомобилите.
На годишна основа, заклучно со мај, европскиот пазар на автомобили бележи пад на продажбата од 2 отсто или 6,94 милиони возила, според податоците на ACEA.