Aston Martin потврди дека нивниот нов модел – базиран на концептот AM-RB 003, кој дебитираше во март во Женева – ќе ја носи ознаката Valhalla, како што беше наведено уште минатата есен кога компанијата го заштити ова име

Ова е второ име по ред, по Valkyrie, кое британскиот производител го „позајмува“ од митологијата.

И додека Valhalla го означува местото „резервирано“ за паднатите борци во борба, Valkyrie, според истата митологија, се посланици на врховниот бог Один, кои јаваат на небото. Тие се задолжени за избор на душите на херои од паднатите борци, кои заслужиле да одат во Valhalla.

Изборот на името Valhalla за новиот модел на Aston Martin, исто така, има смисла и во контекст на останатите ознаки кои овој производител ги користел во својата историја, особено во поново време. Со првата буква „V“, Valhalla се надоврзува на сегашните имиња на модели како Vantage, Vanquish и Valkyrie, заедно со имињата Vulcan и Virage. Покрај тоа, Aston Martin, за своите кабриолет модели го користи името Volante.

Aston Martin не ги открива техничките детали на моделот Valhalla, но се знае дека овој автомобил ќе има хибриден погон, кој се состои од V6 турбо бензински мотор и електричен мотор со вкупна моќност од околу 1.000 КС. Во план е ограничена серија од само 500 примероци, кои ќе се продаваат по почетна цена од околу 1.000.000 евра.