Европската унија работи на предлог за нова директива за возачки дозволи и усогласување на казните: Промените би биле големи!
Должината на одземањето на возачката дозвола (на пр. за возење во алкохолизирана состојба) треба да биде стандардизирана и взаемно признаена
Брисел, односно Европската Унија, подготвува нова директива за возачки дозволи и сообраќај, која треба да биде прифатена оваа година, а за неа пишува германскиот автомобилски клуб (ADAC). Засега тоа е само нацрт, а познати се и првите контури на предлогот кој треба го усвојат европските тела. Промените би се одразиле на многу возачи, а оние кои ги почитуваат прописите – позитивно. Кои се најважните промени?
Возачката дозвола од Б категорија се однесува само на моторни возила до вкупна дозволена тежина од 3,5 тони. Затоа, повеќето мобилни домови не можат да ги управуваат носители на возачка дозвола од Б категорија бидејќи се премногу тешки. Поради оваа причина се планира зголемување на дозволената вкупна маса на 4,25 тони.
Со директивата за возачка дозвола ширум ЕУ, покрај Б категоријата, возачите автоматски би добиле и Б196 дозвола за управување со лесни мотоцикли до 125 кубика.
Минималната возраст за возачки дозволи за камиони или автобуси може да се намали на 18 години. Во Германија, на пример, категоријата Ц за камиони може да се стекне само на возраст од 21 година, а категоријата Д за автобуси само на возраст од 24 години. Позадина на планираната промена е акутниот недостиг на возачи на камиони во Европската унија. Некои од овие мерки се веќе на сила во Хрватска.
Дигиталната возачка дозвола треба да добие и втора шанса: целта е соодветната апликација за паметен телефон да биде доволна во случај на полициска проверка или кога изнајмувате автомобил. Се размислува и за QR код кој ќе го замени сегашниот чип за да биде поотпорен на фалсификување.
Досега не можеше да се положи теоретски и практичен возачки испит во различни земји членки на Европската Унија. За да се земе предвид зголемената мобилност на населението, тоа треба да се дозволи во иднина. За тоа би требало да се поедностават постојните прописи за престој.
Исто така, се дискутира дека практичната настава треба да се започне само откако теоретскиот испит е успешно положен. Во иднина барем дел од возачкиот испит би можел да се полага на симулатори. Задолжителниот освежувачки курс една година по добивањето на возачка дозвола е наменет за намалување на бројот на несреќи. Експертите за безбедност на патиштата ја препорачаа оваа мерка.
Должината на одземањето на возачката дозвола (на пр. за возење во во алкохолизирана состојба) треба да биде стандардизирана и взаемно признаена. Забраната за возење воведена во Италија тогаш ќе се применува и во Германија. Во овој контекст, се бараат и униформни прагови за консумирање алкохол и дрога, треба да се усогласат системите за бодови во различни земји, а податоците за возачките дозволи на сите граѓани на ЕУ да се чуваат во европска база на податоци. Ова би требало да ги олесни полициските проверки.