Холандското Министерство за инфраструктура и водостопанство објави дека автомобили од марката Mercedes ќе се користат за следење на состојбата на патиштата

Модерните автомобили се полни со сензори и камери, a моделите на Mercedes не се исклучок. Затоа, ваквите возила секојдневно собираат вредни информации за патиштата, состојбата во сообраќајот и времето. Овие (анонимни) податоци сега се испраќаат до таканаречениот Mercedes-Benz Vehicle Cloud, но во блиска иднина, овие информации ќе стигнуваат и до патните власти, покраините и општините преку програмата Road Monitor (ROMO), под услов сопствениците да дадат своја дозвола. Од сопствениците на Mercedes ќе биде побарано да се согласат за споделување на податоците од возилото.

Услов за тоа е компатибилност со таканаречената Car-to-X технологија која овозможува меѓусебна комуникација и размена на податоци. Тоа значи дека автомобилот А детектира лизгав пат на одредена рута и потоа оваа информација се пренесува на другите возачи. Сега очигледно овие инфоемации ќе бидат испраќани и до серверот на Министерството. Портпаролот на Mercedes вели дека технологијата е стандардна во се повеќе модели, како што се E-Class, S-Class, GLE и GLS.

Mercedes и Министерството за инфраструктура и водостопанство за сега не можат точно да кажат колку модели во Холандија ќе учествуваат на двегодишниот тест, иако портпаролот на министерството вели дека има илјадници автомобили.

Според министерството, главната предност на овој проект е што надлежните патни служби веднаш ќе имаат побрзи и ажурирани информации за состојбата на патиштата, состојбата на коловозот, оштетувањата, но и нелогичностите со знаци или сигнализација кои можат да бидат опасни за возачите.