Европа воведува нови возачки дозволи: Младите возачи на двегодишен пробен период
Покрај дигиталната, која возачите ќе ја имаат во мобилниот телефон, ќе се задржи и возачката дозвола во физичка форма.
Во рамките на законодавниот пакет за безбедност на патиштата, Европската комисија предложи воведување единствена дигитална возачка дозвола во ЕУ и нови правила кои ќе ја олеснат наплатата на сообраќајните казни сторени во друга земја членка.
Новиот пакет, исто така, треба да ја елиминира неказнивоста за оние кои ќе извршат сообраќајни прекршоци во друга земја-членка преку подобро споделување информации за сторените прекршоци и дисквалификација на возачите кои прават сериозни сообраќајни прекршоци.
Комисијата предлага воведување на дигитална возачка дозвола за да се олесни признавањето на дозволите меѓу земјите-членки и да се поедностави замената или продолжувањето на возачката дозвола. Целиот процес на издавање на дигитална возачка дозвола ќе се врши „онлајн“.
Тоа ќе биде првата дигитална возачка дозвола во светот.
Покрај дигиталната, која возачите ќе ја имаат во мобилниот телефон, ќе се задржи и возачката дозвола во физичка форма.
Новиот пакет за безбедност на патиштата предвидува и пробен период за младите возачи од најмалку две години по полагањето на возачкиот испит и правило за нулта толеранција за возење под дејство на алкохол за младите возачи. Иако младите возачи сочинуваат само 8 отсто од сите возачи, 2 од 5 сообраќајни несреќи со фатални последици вклучуваат возачи помлади од 30 години.
Предлогот предвидува можност за полагање на теоретски и практичен возачки испит на мајчин јазик во друга земја членка на ЕУ. Исто така, се предлага возачите со положена Б категорија да можат да управуваат возила со тежина до 4,25 тони наместо досегашните 2,5 тони доколку тие возила немаат мотори со внатрешно согорување.
Комисијата предлага нова директива со која би се регулирало одземањето на возачките дозволи за тешки сообраќајни прекршоци, без разлика во која земја се сторени. Сега се уште има дупки кои дозволуваат граѓанин на една држава, кога ќе му се одземе лиценцата поради тежок сообраќаен прекршок, да оди во својата земја, да го пријави исчезнувањето и да добие нова дозвола. Според новиот предлог, тоа повеќе нема да биде возможно.
Во предлогот се наведени тешки сообраќајни прекршоци за кои се одземаат возачките дозволи во целиот Сојуз. Станува збор за преголема брзина, 50 km/h повеќе од дозволената брзина, возење под дејство на алкохол или дрога и предизвикување смрт или сериозни повреди во сообраќајот.
Според новата директива, земјата која ја одземала возачката дозвола е должна да ја извести земјата каде што е одземена дозволата.
Правилата за прекугранично извршување на сообраќајните казни што сега се на сила помогнале да се осигура дека прекршителите на патиштата кои не се резиденти не останат непознати. И покрај ова, во 2019 година околу 40 проценти од прекуграничните прекршоци останале неказнети, или затоа што сторителот не бил идентификуван или затоа што немало начин да се натера сторителот да плати.
Комисијата се обидува да го реши овој проблем со новиот предлог со што ќе им се овозможи на надлежните органи пристап до националните регистри на возачки дозволи и зајакнување на соработката меѓу надлежните органи во земјите-членки.
Сегашните правила за прекугранична размена на податоци за сторени прекршоци опфаќаат прекршоци како што се брзо возење или возење под дејство на алкохол.
Комисијата сега предлага да се прошири на следните прекршоци: неодржување доволно растојание помеѓу возилата; опасно претекнување; опасно паркирање, преминување на една или повеќе полни линии, возење во погрешна насока; непочитување на правилата за ослободување на коридорот за возила на Итна помош и користење на преоптоварено возило.