ЕУ се договори за намалувањето на емисиите на CO2 од автомобилите
По тешки преговори, преговарачите од земјите членки на ЕУ и Европскиот парламент се согласија дека до 2030 година ќе ги намалат емисиите на јаглерод диоксид од новите автомобили за 37,5 отсто, соопштија од Европската комисија
Овој политички компромис, кој допрва треба да добие официјална потврда од министрите на ЕУ и Европскиот парламент кои ќе одржат пленарна седница, доаѓа два дена по завршувањето на COP24 во Полска, каде што меѓународната заедница не успеа во обидот за договор за новите амбиции во борбата против климатските промени.
Постигнатиот договор е на половина пат помеѓу гледиштата на поконзервативните земји-членки и Парламентот. Притоа е уште построг од предлогот на Европската комисија.
Преговарачите се договориле дека до 2030 година, емисиите на CO2 ќе се намалат за 37,5 отсто во споредба со 2021 година. Европското извршно тело предложи 30 отсто, а Европскиот парламент 40 отсто.
Автомобилската индустрија активно се мобилизираше во текот на целиот процес на изготвување на договорниот текст притоа предупредувајќи на опасноста од отпуштање на работници.