ЕУ сака да воведе 0,0 промили на целата територија
ЕУ не успеа во својот план да го направи патниот транспорт значително побезбеден, па затоа се размислува за воведување нови ограничувања
Планот на ЕУ беше да го намали бројот на смртни случаи на половина од 2010 до 2020 година, но падот сепак беше повеќе од солидни 36%. Како и да е, на ова се гледа како на голема причина за нови ограничувања и токму во оваа насока оди новата резолуција на Европскиот парламент за безбедност на патиштата во ЕУ.
Се напоменува дека во Унијата секоја година во сообраќајни несреќи животот го губат околу 22.700 луѓе, а околу 120.000 се тешко повредени. А алкохолот и брзината се чини дека се виновни за се, па предлозите одат во таа насока.
Така, се бара примена на максимално ограничување на брзината од 30 km/h во станбени области и области со многу велосипедисти и пешаци, а оправдувањето е дека пребрзото возење е клучен фактор во околу 30% од фаталните сообраќајни судири.
Понатаму, другата насока на дејствување е укинување на алкохолот зад воланот, односно нулта толеранција за возење под дејство на алкохол. Оправдувањето е дека алкохолот бил причина за околу 25% од сите смртни случаи на патишта. Со ова законот од 0,0 промили, познат од земјите од поранешната железна завеса (Чешка, Унгарија, Русија и Словачка), би се пресликал во целата Европска унија.
Третата линија на дејствување е воведување барања за опремување на мобилните и електронски уреди на возачите со опцијата „безбеден режим на возење“.
Дури потоа доаѓа инфраструктурата и идејата за формирање средства од кои ќе се финансира санацијата во области со најголем број сообраќајни несреќи.
Сето ова треба би требало да овозможи Европа да стане оаза на безбедност во однос на патниот транспорт. Известувачот на Европскиот парламент, Елена Кунтура, истакнува: „Ако Комисијата и земјите-членки се обврзат на подобрување на безбедноста на патиштата и со силна политичка волја и соодветно финансирање, реално е да се стремиме да го преполовиме бројот на смртни случаи на патишта до 2030 година. Затоа ја повикуваме Комисијата и владите на државите-членки да спроведат специјални мерки за поддршка на напорите за спасување животи. На пример, воведување ограничувања на брзината, особено автоматска примена на границата од 30 km/h во градовите, забрзано префрлување на други режими на јавниот превоз и формирање нова Европска агенција за патен транспорт“.
А што велат официјалните податоци?
Според Европската комисија, Шведска има најбезбедни патишта (18 смртни случаи на милион жители), а Романија е на „опашката“ со 85 сообраќајни смртни случаи на милион луѓе минатата година. Просекот во ЕУ е 42.