Иако Mercedes се уште не објавил никакви детали за новиот EQS SUV, се очекуваат истите погонски единици како и кај EQS во седан верзија.

Mercedes веќе некое време работи на својот нов голем и скап електричен SUV, а она што се знае е дека ќе се произведува во фабриката на Mercedes во Ванс, Алабама, САД, заедно со седаните EQS и EQE, од каде ќе се извезува во Европа и други светски пазари. Првите произведени примероци од теренецот EQS се очекуваат во јуни оваа година, а фабриката во Алабама ќе се прошири во наредните години.

Иако Mercedes се уште не објавил никакви детали за новиот EQS SUV, се очекуваат истите погонски единици како и кај EQS во седан верзија. Тоа значи дека понудата би можела да стартува со еден електричен мотор и погон на задните тркала (330 КС), а потоа и верзија со два електромотори и 516 КС.

Деталите за опсегот со едно полнење за сега исто така остануваат непознати, но познато е дека седанот EQS 450+ има наведен опсег од 563 километри, така што очекуваме нешто слично и за теренецот, иако можеби нешто помала бројка поради неговата помалку аеродинамична форма.

Слично на новите седани EQS и EQE, теренецот EQS на Mercedes-Benz ќе биде достапен со дигитална контролна табла MBUX Hyperscreen составена од група дигитални мерачи, централен дисплеј за информации и забава и трет дисплеј од 12,3 инчи пред совозачкото седиште. Познато е дека теренецот EQS ќе се продава стандардно со два реда седишта, но ќе биде достапен и со опционален трет ред.