Samsung не може да испорача доволно батерии на германскиот производител

Концернот Volkswagen е принуден да ги промени своите планови за купување на батерии за своите електрични автомобили во вредност од 56 милијарди долари поради загриженоста дека договорот со компанијата Samsung SDI може да не биде испочитуван.

Договорот помеѓу Samsung и Volkswagen е за испорака на батерии со моќност од 20 гигават-часови, кои се доволни за напојување на 200.000 електрични автомобили со моќност на батерии од 100 kW за секој поединечно. Како што стојат работите, изгледа не е сè толку едноставно, бидејќи Корејците еднострано го промениле договорот и вкупната моќност ја намалиле до 5 гигават-часа.

Засега од Samsung одбиваат да ја коментираат ситуацијата, додека од Volkswagen продолжуваат да тврдат дека „Samsung останува главен снабдувач на батерии за Европа“. Германците сепак не кријат дека се принудени да склучат нови договори во вредност од милијарди долари со други производители, како и преземање на „мерки за да може да во иднина Концернот да ја намали зависноста од азиските снабдувачи“.

Во моментов VW Group ја разгледува можноста за создавање на сопствен погон за батерии заедно со Корејската компанија SK Innovation. Концернот ќе потроши 30 милијарди евра за развој на своите електромобили и затоа е многу важно да се реши проблемот со батериите.