Предвидувањата се дека бројот на продажби на електрични возила ќе се искачи на дури 20 проценти од вкупната продажба во следните четири години

Може ли „експлозијата“ на Интернет пред дваесет години да биде образец за масовно користење на електрични автомобили во блиска иднина? Според експертот за животна средина на BBC, Џастин Роулат, одговорот е да.

Според него, она што се случува во автомобилската индустрија не е само промена во побарувачката на потрошувачите, туку технолошка револуција. Многу производители на автомобили се чини дека го делат овој став и рапидно развиваат сè поупотребливи електрични модели.

Се чини дека се приближува крајот на моторите со внатрешно согорување бидејќи најголемите производители на автомобили откриваат долгорочни планови кои не само што ќе го забават, туку многу производители и ќе го прекинат развојот и производството на мотори со внатрешно согорување.

Така, во General Motors велат дека до 2035 година сите понудени возила ќе бидат електрични, а во Ford се пооптимистички расположени па велат дека сите продадени возила во Европа ќе бидат електрични до 2030 година. Од Volkswagen велат дека 70 проценти од нивните модели ќе бидат електрични до 2030 година, а Fiat објави дека ќе стане целосно електричен производител до 2030 година.

И Jaguar најави дека ќе продава електрични возила до 2025 година, додека Lotus во сопственост на Geely ќе го следи примерот три години подоцна. Во рамките на истата корпорација, Volvo ќе нуди само електрични модели од 2030 година.

Можеби има добра причина за масовниот егзодус од бензинските и дизел автомобили: и покрај целокупниот пад на продажбата на автомобили за една петтина за време на пандемијата, глобалната продажба на електрични автомобили се зголемила за 43 проценти во 2020 година, на вкупно 3,2 милиони

Роулат забележува дека таков тренд веќе е виден во интернет револуцијата што може да биде патоказ. Кон крајот на 90-тите, компјутерската технологија започна да се поврзува во мрежа, а за експлозијата на употребата на Интернет во новиот милениум доказ се бројките. До 1995 година имало 16 милиони луѓе на Интернет, а до 2001 година имало 513 милиони. Денес има над 3 милијарди корисници.

Со текот на времето, се стана поблиско, побрзо и полесно, а двигателите на промените во интернет статистиката беа пониски цени и понапреден и подостапен компјутерски хардвер. Се чини дека ова е случај и со електричните возила. Електричните автомобили првично беа (и сè уште се) претежно многу скапи, поради високата цена на нивните батерии. Сепак, Медлин Тајсон, од американската истражувачка група RMI за чиста енергија подвлекува дека тие чинеле 1000 долари за киловат-час пред десет години за сега цената да се приближува до 100 долари.

Со оглед на тоа што само пет проценти од продадените автомобили денес се електрични, ние сме на почетокот на карактеристичната „S крива“ со која се развиваше и интернетот.

Американскиот UBS предвидува дека бројот на продажби на електрични возила ќе се искачи на дури 20 проценти од вкупниот број во следните четири години, а дека до 2030 година продажбата на електрични возила ќе скокне на 40 проценти. Од тој момент, се предвидува дека во следните 10 години, скоро секој нов продаден автомобил ќе биде електричен.

Се чини дека електричната револуција во автомобилската индустрија штотуку започнува.