Електричниот Renault Megane во завршна фаза на тестирање / ФОТО
Автомобилските папараци го фотографирале Megane eVision која е во завршна фаза на тестирање
Моделот Megane секогаш бил еден од столбовите на Renault во последните 25 години, па сосема е логчно така да остане и во иднина. Но, иднината бара и големи промени. Токму затоа Megane eVision, покрај тоа што премине на електрична енергија, ќе се трансформира во кросовер, наместо со стандарден хечбек изглед.
Електричниот кросовер ќе биде поставен на модуларната платформа CMF-EV, инаугурирана од Nissan со моделот Ariya. Имајќи предвид дека во октомври минатата година имавме можност да го видиме идејното решение за Megane на батерии, може да се заклучи кои стилски карактеристики, барем приближно ќе ги добие и сериската варијанта.
Пред се, тесната светлосна група напред во LED технологија сигурно ќе остане. Странично гледано исто така не остава впечаток на драстични промени во однос на концептот, а се чини дека и задната светлосна група ќе остане идентична со веќе прикажаната верзија.
Renault засега молчи за деталите во врска со погонскиот систем. Во концептното издание беше поставена батерија од 60 kWh и електромотор кој испорачува 217 КС и 300 Nm. Во превод спринт до „стотка“ за 8 секунди.
Она што останува мистерија се димензиите на возилото. Концептот беше прилично мал автомобил за сегментот Ц. Megane eVision е долг 4.210 mm, широк 1.800 mm, висок 1.505 mm, со меѓуоскино растојание од 2.700 mm. Со такви карактеристики, тој е далеку поблизу до димензиите на електричниот Peugeot 2008, отколку Ioniq 5, со кој автомобилски медиуми често го споредуваат.
Официјалното претставување на сериска верзија на батерискиот Megane треба да се случи во наредните месеци, а производството треба да започне пред крајот на тековната година.