Производната верзија на I.D. Buzz би требало да го добие името e-Samba

Едно од електричните возила кое Volkswagen го подготвува на платформата MEB треба да биде и минибус, кој веќе беше најавен со концептот I.D. Buzz. Се претпоставуваше дека моделот ќе биде дел од семејството I.D и ќе добие име кое ќе започнува со овие две букви.

Сепак, германскиот концерн неодамна поднел барање за регистрација под друго име – e-Samba. Дали тоа значи и дека I.D.Buzz ќе добие поинакво име останува да се види.

Името Samba воопшто не е ново за компанијата. Така се нарекуваше најлуксузната верзија на Volkswagen T1 Transporter од 1950-тите која и ден денес високо се цени. Најретките и највредните Samba модели се моделите со 21 и 23 прозорци кои се толку барани што многу луѓе ги преправаат своите модели со 11 прозори за да изгледаат како нив.

Сепак треба да се знае дека во САД, Volkswagen Samba беше продаван под друго име – Sunroof Deluxe. Затоа, сосема е можно и овој пат името да се користи само за пазарот во Европа.