Eлектрични верзии на Focus и Fiesta не се во плановите на Ford
Во моментов „синиот овал“ не планира електрично издание за дуото Fiesta-Focus, што говори за неизвесна иднина на овие хечбек модели
Не толку одамна, Focus и Fiesta беа на самиот врв на продажните топ листи во нивните класи на европско тло. Денес тие не се ни блиску до апсолутни бестселери и тешко го наоѓаат патот до нови клиенти на Стариот континент. За тоа се свесни и во менаџментот на Ford, па од тие причини се прави и поинаква стратегија за иднината на американската марка од оваа страна на Атлантикот.
Ford во иднина ќе се потпира на соработката со групацијата Volkswagen од која ќе ја „позајми“ модуларната платформа MEB за EV моделите, со што значително ќе се намалат трошоците за развој на нови електрични автомобили за оваа марка. Како еден од примарните адути треба да се појави електричното издание на кросоверот Puma, кој за кратко време успеа да забележи одличен продажен успех во Европа.
Во следните 18 месеци, Ford на пазарот е со намера да пласира дури пет целосно електрични возила на четири тркала, што доволно зборува за посветеноста на компанијата на електрификацијата. Сепак, како што стојат работите во моментов, Ford нема намера да ги обнови ниту Focus ниту Fiesta, цврсто верувајќи дека нивната ера поминала.
Тоа ќе значи дека овие модели ќе се пензионираат по сегашните итерации, барем кога станува збор за европскиот пазар. Focus моментално е во својата четврта генерација и нема да опстане по 2025 година, кога е предвидено да биде повлечен од пазарот.
Fiesta сепак има многу подолга приказна од својот поголем брат, но ниту таа не одолеа на налетот на кросовери на Стариот континент. Сепак, тоа нема долго да трае ниту во овој дел од светот, бидејќи сегашната генерација е веќе на крајот од кариерата.