Дали конечно на пазарот ќе се најде електричен автомобил за широки народни маси?

Романската Dacia, за германскиот пазар, веќе почна да прифаќа преднарачки за моделот Spring со пакет на опрема Comfort Plus. Првите примероци во продажните салони ќе пристигнат наесен, а почетната цена ќе биде 21.790 евра. Но, бидејќи сите поголеми европски земји даваат државни субвенции за набавка на EV модели, кога ќе се земат во предвид, потенцијалниот купувач на романски автомобил со батерии, истиот ќе го чини само 12.220 евра!

Dacia Spring може да биде уште поевтина ако купувачот се одлучи за базната верзија – Comfort. Со државни субвенции оваа верзија во Германија ќе чини само 10.920 евра!

Електричниот адут на романската марка е замислен како возило за употреба во урбани услови. Spring Electric со своите скромни димензии од само 3.734 mm во должина, 1.516 mm во висина и 1.770 mm во ширина е совршен за употреба во големите европски метрополи. Dacia наведува дека нејзиниот прв електричен автомобил е способен да помине скоро 300 километри во исклучиво градски услови на возење, според протоколот WLTP.

Со електричен мотор од 45 КС и 125 Nm, не треба да се очекуваат чуда. Уште повеќе, перформансите се прилично неубедливи, но резултати на тоа поле никогаш и не се очекуваа од моделот на Dacia. Така, од место до 50 km/h моделот стигнува за солидни 5,8 секунди. Но, забрзувањето до стотка е сосема друга приказна затоа што трае повеќе од 19! Ниту средните забрзувања не се на висина на задачата, бидејќи Dacia Spring од 80 до 120 km/h пристигнува за 26,2 сeкунди, додека максималната брзина е ограничена на 125 km/h.

Очигледно, Dacia верува дека ниската цена, солидната автономија и импресивната листа на системи за активна и пасивна безбедност ќе бидат доволно силни адути за успешна продажба на Spring во Европа.