Концептните N Vision 74 и RN22e се два сосема различни модели со кои Hyundai презентира различни спортски технологии

Hyundai минатата година ја воведе традицијата на прославување на N-day. Станува збор за еден ден во годината кога компанијата презентира и објавува многу новости поврзани со нејзиниот спортски N оддел.

За жал, спротивно на очекувањата, за идниот Hyundai Ioniq 5 N не се дозна многу, но потврдено е дека автомобилот ќе пристигне во 2023 година.

Наместо Ioniq, видовме два електрични N концепт автомобили. Станува збор за N Vision 74 и RN22e, два сосема различни модели со кои Hyundai покажува што може да направи. Овие концепти на Hyundai ќе му служат како еден вид лабораторија на тркала за тестирање на идните технолошки решенија и задоволството на клиентите со одредени дизајнерски решенија.

„Коцкестиот“ ретро модел N Vision 74 својата дизајнерска инспирација ја наоѓа во концептот Pony од 1970-тите, додека RN22e ја има каросеријата на новиот Ioniq 6, но поради одредени причини Hyundai не сака да го поврзе со својот најнов електричен модел. Но, постојат големи шанси ова всушност да е најава за идниот Ioniq 6 N, а Hyundai потврдува дека од овој модел би можел да се роди иден сериски модел.

N Vision 74 е хибриден автомобил, но под неговото тело нема бензински мотор. Се напојува со хибриден систем кој комбинира класичен електричен погон на батерии и погон на горивни ќелии. Од Hyundai тврдат дека таквиот систем овозможува подобро ладење на батериите, но и можност за побезгрижно патување на подолги растојанија (под услов да се развие мрежа на станици за полнење водород).

Автомобилот има два мотори кои развиваат вкупно 680 КС и 900 Nm. Од Hyundai тврдат дека досегот на овој автомобил со полн резервоар водород и батерии е повеќе од 600 километри.

Од друга страна Hyundai RN22e има електричен погон на батерии. Погонот е преземен од моделот Kia EV6 GT, а Hyundai не се обидел да извлече повеќе моќ, туку целиот автомобил го дизајнирал така за да го претвори во „чудовиште што јаде свиоци“. Затоа, Hyundai работел многу на системот за векторирање на вртежниот момент и пренос на моќност, како и на намалување на тежината. Големо внимание е посветено на сопирачките, како и на аеродинамичките својства на автомобилот.