Просечниот број на жртви на патиштата за целата Унија е 54 лица дневно

Постпандемискиот пораст на смртните случаи на патиштата е загрижувачка бројка, објави Европската комисија за безбедност на патиштата за 2021 година. Бројките покажуваат дека минатата година на патиштата во ЕУ загинале околу 19.900 луѓе, што е зголемување за 6% во споредба со 2020 година Ова следи по невидениот годишен пад од 17% помеѓу 2019 и 2020 година. Бројките во изминатите две години беа под големо влијание на нивоата на сообраќај, многу пониски поради таканареченото целосно „заклучување“ (lockdown). Во некои земји-членки, зголемувањето на бројот на смртни случаи во сообраќајот по заклучувањето е толку значајно што бара подлабока анализа и итна акција, апелира Комисијата.

Низ ЕУ, во 2021 година имало 45 смртни случаи на патишта на милион жители. Стапката на смртност се движи од 20/милион во Шведска и 22/милион во Данска до 81/милион во Бугарија и 92/милион во Романија, пишува Roadpol. Просечниот број на жртви на патиштата за целата Унија е 54 лица дневно. Прелиминарните податоци за првите седум месеци од 2022 година покажуваат дека бројот на жртви во сообраќајот на патиштата повторно се зголемил, за повеќе од 10% во просек, во споредба со 2021 година. Во некои земји-членки има значително поголем пораст. Сегашното темпо на промени не е доволно за да се исполни целта на ЕУ за преполовување на бројот на смртни случаи до 2030 година, посочува Комисијата.

Комисијата тесно соработува со земјите-членки за да обезбеди имплементација на холистички пристап на безбедни системи – широко прифатен како најдобро средство за решавање на прашањата за безбедност на патиштата – како дел од нејзините национални стратегии за безбедност на патиштата за деценијата до 2030 година. Европската комисија работи за рамката на безбедносната политика на ЕУ за патниот сообраќај 2021-2030 година со цел да се преполови бројот на смртни случаи и сериозни повреди на европските патишта до 2030 година.