Доаѓа замената за Passat: Volkswagen ID. Aero, електричен седан со средна големина
Покрај најавата, VW објави и неколку дизајнерски скици кои покажуваат дека концептот ќе биде претставен со сложена низа на LED задни светла.
Volkswagen објави нов интригантен тизер од својот претстоен електричен седан, кој ќе биде прикажан преку претпродукциската студија наречена ID. Aero на 27 јуни.
Според германскиот производител, седанот ќе се натпреварува во „сегментот на висока средна класа“, со концепт за создавање сериски модел кој прво ќе пристигне во Кина следната година. После тоа ќе следи сериски модел за европскиот и северноамериканскиот пазар истата година, а повеќе детали ќе добиеме за точно пет дена.
Замената на Passat ќе се базира на MEB платформата на Volkswagen, а нејзиниот надворешен дизајн има влијание врз другите членови на семејството ID, вклучувајќи ги ID.4 и ID.Buzz.
Покрај најавата, Volkswagen објави и неколку дизајнерски скици кои покажуваат дека концептот ќе биде претставен со комплексна низа на LED задни светла, вклучувајќи и светлосна лента со целосна ширина. Со оглед дека ова е студија, рачките на вратите не се вклучени.
На скицата можеме да видиме и сет од големи сребрено-црни бандажи слични на оние што веќе ги видовме на неодамнешните прототипови кои VW ги нарекува Aero B. Во однос на димензиите, ID. Aero има должина од пет метри, што го прави не само подолг од Passat (4,87 m), туку и од BMW Серија 5 (4,94 m).
Техничките спецификации остануваат непознати, но со оглед на тоа дека се работи за MEB платформа, би можеле да очекуваме батерија од 84 kWh која на седанот би требало да му овозможи автономија од 700 km по WLTP циклус. Серискиот модел најверојатно ќе се нуди со погон на задните тркала и погон на сите тркала кои ќе ги користат истите електрични мотори како и другите ID модели.
Веќе се видени бројни прототипови на патиштата кои покажуваат многу посуптилен и помалку возбудлив дизајн отколку што сугерираат концептуалните слики – нешто што веќе сме навикнати да го гледаме од повеќето производители. Се очекува и караванска (Shooting Break) варијанта, иако не е познато за кои пазари.