Доаѓа новата Opel Mokka / ФОТО+ВИДЕО
Новата генерација на моделот Mokka е значително различна од нејзиниот претходник, а најголема новина во понудата е електричната варијанта
Визуелно, доминира новиот Opel Vizor анфас, кој воедно е еден од најатрактивните во сегментот. Германскиот бренд најавува дека Vizor ќе ја најде својата примена и во други модели на брендот во наредните години. Странично се протега долга хромирана лајсна која создава впечаток на оделеност на страничниот дел од кровот на автомобилот. Позади, дизајнот е веќе поумерен.
Новата Mokka е дури 12,5 см пократка од претходникот, но и покрај тоа, таа има меѓуоскино растојание поголемо за 2 mm. Треба да се потенцира дека новата итерација е 10 mm поширока. Од Opel потенцираат дека новата Mokka сега е далеку полесна за маневрирање во градски услови.
Во салонот доминира систем со двоен екран, од кои едниот се користи за контрола на инфо-забавниот систем, додека другиот ја игра улогата на инструмент-табла. Инфозабавниот дисплеј стандардно доаѓа со дијагонала од 7 инчи, додека во пакетите со подобра опрема, достапен е 10-инчен екран. Дисплејот на инструмент-таблата има дијагонала од 12 инчи. Во Opel се одлучиле да не ги елиминираат сите физички контроли, така што оние од клучно значење (како за климатизацијата) се уште се достапни на централната конзола.
Втората генерација Мока е поставена на CMP платформата на групата PSA, што овозможува значителна заштеда во тежина. Од Opel наведуваат дека новата Mokka е полесна за 120 килограми, а торзионата цврстина е зголемена за 30%.
Нема информации за погонската понуда, но се верува дека опсегот ќе се состои од 1.2 PureTech во разни конфигурации и 1.5 BlueHDi. На презентацијата фокусот беше ставен на електричната варијанта на Mokka, чиј погон е преземен од модели во кој се користи на групацијата PSA.
Станува збор за електричен мотор кој дава 136 КС и батерија од 50 kWh, како и, на пример Peugeot e-208. Автономијата на Mokka е 321 километар според протоколот WLTP, а една од предностите е можноста за поврзување со брз полнач од 100 kW и полнење до 80% од капацитетот на батеријата за половина час.
Opel Mokka стандардно ќе доаѓа со LED светла, а по избор може да се добие и технологија LED Matrix, што е практично без преседан во овој сегмент. Покрај тоа, тука се и прилагодливиот темпомат, камера за возење наназад со агол од 180 степени, како и голем број други напредни системи кои се нудат како опционална опрема.
Нарачките стартуваат во текот на летото, а првите примероци до клиентите ќе бидат доставени на почетокот од следната година.