CX-60 е само еден од вкупно петте нови теренци кои Mazda ќе ги претстави меѓу 2022 и 2023 година

Ден откако Mazda официјално го претстави новиот CX-50, на интернет се појавија „шпионски“ фотографии од неговиот поголем брат, Mazda CX-60. Парот теренци со пет седишта биле забележани додека се снимало нешто што изгледа како промотивен спот, а фотографиите даваат многу јасен поглед на моделот.

Во споредба со CX-50, кој изгледа прилично робусно, CX-60 изгледа како патен теренец благодарение на неговата бела боја, означените растојанија помеѓу тркалата, гумите со низок профил и целокупниот дизајн на каросеријата кој потсетува на помалиот CX-5.

Лаците на тркалата имаат позаоблен изглед, што е голема разлика во однос на CX-50, додека конструкцијата на задните браници е далеку помалку „мускулеста“. Сепак, високите страни и плитките стакла му даваат на автомобилот цврст изглед.

Фотографиите не го прикажуваат задниот дел, но предната решетка со хромирана рамка која се спојува со фаровите му дава на автомобилот „семејно лице“. Вториот CX-60, кој е во црвена нијанса, се чини дека е со поспортски детали, отфрлајќи ги хромираните акценти во корист на црни детали.

CX-60 е само еден од вкупно петте нови теренци кои Mazda ќе ги претстави меѓу 2022 и 2023 година. CX-50 е заедничко вложување помеѓу Mazda и Toyota, а наменет е исклучиво за американскиот пазар. Таму ќе му се придружат големиот CX-70 и уште поголемиот CX-90 со три реда седишта. И двата ќе доаѓаат со турбо бензински мотори со шест цилиндри, со опција за plug-in хибридна технологија.

Европа нема да добие ниту еден од тие три теренци, туку CX-60 и CX-80 со седум седишта, кои се потесни од нивните американски „колеги“, така што ќе се снајдат подобро на тесните европски и јапонски патишта. Дополнително, за подобро усогласување со европските и јапонските цени на горивото, првенствено ќе доаѓаат со 4-цилиндерски бензинци, иако во опција ќе бидат и лесни хибриди со 6-цилиндри како и дизели.