Демонстрација на моќ: Rimac Nevera е најбрзиот сериски електричен автомобил кој достигнува рекордни 412 km/h / ВИДЕО
Компанијата Rimac Automobili на својот канал на YouTube објави видео од подвигот на својот електричен хиперавтомобил Nevera, кој постави нов рекорд за максимална брзина за сериски електрични автомобили
Nevera во Германија постигнала брзина од дури 412 km/h, а зад воланот бил Мирослав Зрнчевиќ, главниот тест-возач на компанијата Rimac Automobili.
„Неверојатната брзина од 412 km/h не е нешто што го правите секој ден. Кога решивме да ја потврдиме оваа брзина, се уверивме дека имаме се што ни треба, локација која ќе ни даде доволно простор да достигнеме брзина и безбедно да застанеме, вистински гуми кои во овој случај се Michelin Cup 2R, експерт за проверка на нивната состојба, специјален аеро-профил на Nevera кој го намалува downforce на предниот дел од автомобилот балансирајќи го за стабилност и човек во мисија да се приклучи на клубот 400+, нашиот тест и развоен возач Миро“, соопштија од компанијата.
Како потсетување, минатата година Nevera помина 402 метри за 8.582 секунди, со што стана сериски автомобил со најдобро забрзување во светот.
Патем, Rimac ја доставува Nevera на клиентите со електронски ограничена брзина од 352 km/h, кои сепак можат да ја искусат максималната брзина на специјални настани за клиентите со поддршка од тимот на експерти на Rimac и под контролирани услови.
Nevera развива 1.914 КС и 2.360 Nm вртежен момент, од 0 до 100 km/h забрзува за 1,97 секунди, а до 300 km/h стигнува за 9,2 секунди. Капацитетот на батеријата е 120 kWh.