Volkswagen во почетокот од оваа година го заврши производството на седанот Passat за Европа, за сега и Renault да го испрати својот Talisman во пензија

Додека Volkswagen сè уште го произведува Passat во караван варијанта, Renault покрај седанот го укина и попрактичниот Talisman. Со други зборови, Talisman е дефинитивно „мртов“. Ваквиот развој на настаните беше очекуван, но тоа не значи дека Renault повеќе не произведува седани бидејќи на одредени пазари може да се купи Megane Sedan, како и помалите Taliant или Dacia Logan со логото на Renault. Француската компанија го „изгаси“ и караванот Clio кога суперминито ја доби својата петта генерација во 2019 година, што значи дека единствениот преостанат караван на Renault е всушност Megane Estate.

Бидејќи седаните „излегуваат од мода“, Renault нема планови за директен наследник на Talisman. Се очекува Opel да ја претвори Insignia во SUV, а Ford нема намера да го продава новото Mondeo во Европа, туку во Кина.

Судбината на Peugeot 508 сè уште не е позната, Citroen C5 технички се врати, но со поинаква форма бидејќи сега претставува мешавина од караван и кросовер. Има надеж дека Mazda и следната генерација на „шестката“ ќе ја продава во Европа.

Имајќи го предвид ова, Škoda Superb може да стане најпопуларниот седан со средна големина во мејнстрим сегментот. Чешката марка потврди дека караванот ќе ја доживее и следната генерација, па се уште има надеж за анти-SUV тимот. Superb ќе се произведува во Братислава, а новиот пристигнува во 2023 година. Моделот ќе ја добие најновата генерација на мотори со внатрешно согорување од групацијата Volkswagen, како и целосно нов ентериер.