Деби за рестилизираната Opel Astra за 2020 година
Opel објави технички детали и фотографии од рестилизираната Astra пред официјалната премиера на Саемот за автомобили во Франкфурт
Германскиот производител тврди дека редизајнираната Astra е еден од најаеродинамичните компактни автомобили на пазарот со коефициент на отпор од 0,26. Ваквиот добар резултат е постигнат со оптимизирање на детали кои со голо око не може да се забележат, а за усовршување послужил воздушниот тунел на Универзитетот во Штутгарт управуван од Институтот за развој на автомобилски инженеринг и мотори за возила.
Така, развиена е активна решетка на ладилникот која ја подобрува горивната ефикасност со затворање на горниот и долниот дел на решетката. Намалувањето на отпорот на воздухот постигнато само со затворање на активната решетка на ладилникот, како резултат има и помала емисија на СО2.
Кога ќе влезе во продажба, подоцна оваа година, рестилизираната Astra ќе биде достапна со надградени бензински и дизел мотори. Понудата ќе се состои од 1.2 и 1.4-литарски бензинци со моќност од 110 КС (81 kW) до 145 КС (107 kW), а максималниот вртежен момент од 195 до 236 Nm.
Дизел моторите имаат капацитет од 1.5-литар и ќе бидат достапни во варијанта од 105 КС (77 kW) и до 122 КС (90 kW), соодветно од 260 до 300 Nm.
Покрај рестилизацијата на хечбек верзијата, Opel ја рестилизирал и караван варијанта на Sport Tourer.