Веќе сме навикнати на изненадувања од BMW, но овој модел досега предизвика најмногу критики, и позитивни и негативни

Помина речиси една година од премиерата на концептното возило кое лесно буди емоции и кое го запознавме како BMW XM. Сега пред нас е позрела верзија на истата, односно сериска модификација која доаѓа како иконски модел за баварската компанија.  Многу важно, ова е само првиот модел од гамата на под-марката М што доаѓа со хибриден погон.

Изгледот на кросоверот во споредба со концептната студија е некако пообичен, повеќе во склад со секојдневниот живот, што може да се каже под претпоставка дека очите се навикнале на двокатниот концепт на предните светлосни групи што BMW го турка преку своите најголеми адути.

И покрај претходно кажаното, кросоверот XM сепак се издвојува меѓу автомобилите од гамата на овој и другите конструктори. Меѓу необичните елементи е позадинското осветлување на рабовите на решетката на ладилникот, како и краевите на издувните цевки, кои се наредени една над друга.

На задниот дел од новитетот се поставени два грба (иако нацртани), а се наоѓаат во горната зона на задното стакло. Воведните бандажи се со дијаметар од 21 инчи, но ако клиентот сака може да се вградат и бандажи од 22 или 23 инчи.

Меѓуоскиното растојание од 3.105 mm блиску одговара на она на BMW X7, но XM е сепак малку покомпактен бидејќи има само два реда седишта. Долг е 5.110 милиметри, широк 2.005 mm и висок 1.755 mm.

Внатрешноста на теренецот XM е целосно слична на другите модели од современата гама на BMW. На предната плоча е инструмент екранот со дијагонала од 12,3 инчи, а тука е и мониторот од инфозабавниот систем со дијагонала од 14,9 инчи. Веќе во основната верзија се инсталирани повеќеконтурни предни седишта, екран за проекција (HUD) и климатизација со четири зони.

Развојниот тим вториот ред на седишта го именувал како M Lounge, што можеби не е претенциозно со оглед на фактот дека нуди огромен простор за нозете, загреани седишта и потпирачи за глава, напредно осветлување со стотина LED диоди. 

Волуменот на багажникот е 527 литри, а може да се зголеми до 1.820 литри со преклоп на задните седишта.

BMW XM се заснова на истата платформа на која се базираат и моделите X5/X6/X7, но одново е подесена и прилагодена еласто-кинематиката на шасијата. Кросоверот нуди прилагодлива суспензија со пружини, а исто така е и првиот полнокрвен адут на М дивизијата со активни анти-рол барови (активатори напојувани од 48-волтни електрични инсталации) и целосно управлива шасија.

Но, задните тркала може да се каже дека се вртат под скромен агол од најмногу 2,5 степени. Напред се монтирани сопирачки со шест клипни клешти, назад пак клешти со еден клип.

Под хаубата се наоѓа новата погонска единица S68. Претставува понатамошна еволуција на V8 4.4 битурбо единицата и е прилагодена да работи во хибриден погон. Во моделот BMW XM, овој мотор е само благо подесен на 489 коњски сили и 650 Nm врвен вртежен момент. Во приказната е вклучен и осумстепениот автоматик ZF познат од другите модели од баварската гама, но наместо конвертор на вртежниот момент, инсталиран е тракционен електричен мотор со моќност од 197 „коњи“ и 280 Nm вртежен момент.

Хибридниот склоп, кога е во налет на моќ, исфрла 653 „грла“ и 800 Nm, што е само малку повеќе од бензинските теренци наречени BMW X5 M / X6 M Competition (625 КС и 750 Nm).

Целиот електричен инженеринг е поврзан со петтата генерација на семејството eDrive, онаа што ја знаеме од модерните електрични автомобили со значка на BMW. Под подот на патничката кабина е поставена тракциона батерија со капацитет од 29,5 kWh (употребливи само 25,7 kWh) и работи на напон од 317 волти.

Со целосно наполнета батерија, теренецот нуди електрична автономија од 82 до 88 километри, со можност за движење со брзини кои не се поимпресивни од 140 km/h. Батеријата може да се полни и на домашната врска од 7,4 kW, што е огромен хендикеп доколку не е поддржано од можноста за користење брзи полначи (што е единственото нешто што им дава одредена смисла на хибридите).

Покрај електричниот режим (Electric Mode), погонската група има и стандард наречен Hybrid, како и поставки eControl, кои вклучуваат прилагодување на нивото и интензитетот на рекуперација на енергијата и одржување на нивото на гориво во батеријата.

Сепак, во согласност со традицијата на М моделите, можете да изберете свој начин на работа на менувачот, шасијата, управувањето и сопирањето. Системот за погон на сите тркала кај овој модел е ист како кај другите големи М модели, што значи дека се потпира на спојката за задната оска и активен заден диференцијал.

Се разбира, хибридот е многу тежок: 2.785 килограми кога е подготвен за возење (при што 75 kg се однесува на масата на возачот – тука веројатно малку згрешиле во пресметките).

Затоа, не е чудно што во однос на динамиката на возење, BMW XM е губитник во однос на, на пример, X6, па наместо да стигне до „стотка“ побрзо од споменатото купе (3,8 секунди), му требаат 4,3 секунди. Максималната брзина е ограничена на 250 km/h, но со M Driver’s Package може да биде 270 km/h. Во случајот со моделот X6 M, еквивалентот е 290 km/h.

Во текот на следното лето, ќе дебитира помоќниот хибриден BMW XM Label Red. Вообичаената наставка „Competition“ овојпат не се користи, што е идеја на маркетинг тимот. Во оваа верзија на кросоверот, V8 битурбото произведува 585 коњски сили и 750 Nm, додека вкупната моќност на погонската група, која исто така е хибридна, ќе биде на ниво од 748 коњски сили и 1.000 Nm.

Воведниот BMW XM стартува со цена од 159 илјади долари, додека цената за, на пример, X6 M е на ниво од поразумни 114 илјади долари. Новиот XM ќе се составува во истата фабрика во Јужна Каролина каде што се склопуваат и останатите теренци на Баварците (од X3 до X7).

Почетокот на производството е закажан за декември, додека првите среќници ќе се радуваат како што треба – напролет. Клучни пазари се кинескиот, оние на Блискиот Исток и секако американскиот.