Maserati продолжува со електрификацијата на својата понуда, па на салонот во Шангај го претстави целосно електричниот модел Grecala Folgore

Дизајниран да привлече клиенти кои сакаат еколошки перформанси, Grecale Folgore добил предна маска инспирирана од моделот Trofeo со решетка која е делумно затворена. Тоа не е единствената промена на кросоверот, бидејќи има и нов дифузор, како и аеродинамички оптимизирани бандажи од 19, 20 и 21 инчи.

Освен што е поаеродинамичен, електричниот модел има и сјајни црни детали, осветлени странични вентилациски отвори, бакарни клешти на сопирачките и бакарни ознаки. Клиентите можат да го добијат и ексклузивниот Rame Folgore пакет за надворешноста, а во тој случај „топлите бакарни тонови коегзистираат на сонце со постудените сино-сиви нијанси на деловите кои се во сенка“.

Шарената тема продолжува на седиштата со 14 режими на прилагодување и систем за греење и вентилација, кои се покриени со Econyl. Тоа е „регенериран најлон“ направен од отпад како рибарски мрежи, остатоци од ткаенина и теписи. Овие материјали се трансформираат во „висококвалитетно најлонско предиво кое има непроѕирна површина“, се обработува со ласер и има „параметариски дизајн кој изразува природна динамика“. Седиштата се совпаѓаат со деталите на контролната табла, како и со карбонските 3D детали на централната конзола и панелите на вратите.

Остатокот од кабината изгледа потрадиционално, а пред возачот се наоѓа 12.3-инчен дигитален инструмент кластер, како и 12.3-инчен инфозабавен систем со Android Auto и Apple CarPlay системи и Intelligent Assistant. Кросоверот има и 8.8- инчен долен екран и head-up дисплеј.

Со оглед на фактот дека Folgore е електричен модел, тој е опремен со дополнителни функции, меѓу кои се и одржувањето на удобна температура во внатрешноста дури и кога не работи. Возачите на располагање имаат и систем за навигација специфичен за електричните возила, кој содржи информации за статусот на батеријата и ги прикажува станиците за полнење на дадената рута. Кросоверот на мапата го покажува и максималниот опсег што може да го достигне во реално време, според состојбата на батеријата и стилот на возење.

Grecale Folgore е придвижуван од два мотори кои испорачуваат комбинирани 550 КС и вртежен момент од 820 Nm, а има и батерија од 105 kWh. Погонот е на сите четири тркала, а кросоверот од 0 до 100 km/h забрзува за 4,1 секунди и достигнува максимални 220 km/h.

Кросоверот е опремен со 400V технологија и поддржува брзо полнење од 150 kW DC. Досегот е 500 km, а батеријата се полни од 20 до 80 проценти капацитет за 29 минути.

Grecale Folgore има воздушно потпирање и нуди четири различни режими на возење односно GT, Sport, Off-Road и Max Range. Имињата на режимите зборуваат сами за себе, а Max Range се издвојува бидејќи се препорачува кога нивото на батеријата паѓа под 16 проценти и во случаи кога нема станици за полнење во близина. Овој режим го исклучува клима уредот, ја намалува реакцијата на гас и ја ограничува максималната брзина на 120 km/h, со што се обезбедуваат дополнителни километри.