Ако мислевте дека старите возачи се опасност на патот, не сте во право – проблемите доаѓаат од други генерации зад воланот

 

Младите возачи сметаат дека постарите возачи се само непријатност на патот, како и дека лесно се збунуваат и прават грешки при маневрирање, па затоа се опасност на патот. Постарите, пак, тврдат дека младите возачи се неискусни, брзоплети и често ги преценуваат своите возачки способности. За вечната дилема дали подобри возачи се мажите или жените воопшто и да не зборуваме.

Токму затоа Американскиот институт за безбедност на автопатите (IIHS) спровел студија на исклучително голем број примероци, сè со цел да може да се прикаже зачестеноста на сообраќајните незгоди според возраста на возачот и поминатите километри.

Собрани се податоци за сообраќајни несреќи од последните 21 година, почнувајќи од 1997 година, а во кои учествувале над 100.000 сопственици на возачка дозвола. Резултатите биле поделени во четири возрасни групи, 35-54, 70-74, 75-79 и над 80 години.

А резултатите според графиконот се повеќе од очигледни. Постои видлив тренд на намалување на бројот на сообраќајни несреќи со текот на времето за сите групи. Сепак, најголем пад е забележан кај групата над 70 години, за дури 43%. Од друга страна, кај возачите на средна возраст, падот е исто така забележлив, но значително помал – само 21%.

Интересно, за време на последната криза, околу 2008 година, бројот на сообраќајни несреќи за оние на возраст од 35-54 година се изедначил со оние на возраст од 70 до 74 години. Во 2012 година, тие повторно се израмниле,со уште постарите, на возраст од 75 до 79 години. Оттогаш, кривата на возачи на средна возраст останува над онаа на оние со над 70 години.

Што се однесува до оние на возраст од 80 години и повеќе, ситуацијата е многу поинаква. Точно, тие исто така бележат пад на бројот на сообраќајни несреќи од скоро 50%, но тие се дефинитивно групата која најчесто учествува во сообраќајни несреќи. Притоа треба да се има на ум дека уделот на постарите возачи со текот на времето се зголемил и тој е скоро двојно зголемен само во последната деценија.

Заклучоците на IIHS се следни. Прво и најважно е дека автомобилите станале побезбедни. Другите фактори за подобрување се подоброто здравје на постарите возачи и подобрата патна инфраструктура. Што се однесува до возачите на средна возраст, IIHS гледа врска помеѓу економските трендови и зголемувањето на несреќите, пред се преку консумирањето алкохол.